Миломир Јачимовиќ против режимот

Миломир Јачимовиќ, авто-превозник од Нови Сад, стана симбол на отпорот и солидарноста откако неуморно ги поддржуваше студентските протести во Србија, возејќи ги бесплатно до Белград. Поради таа поддршка, Јачимовиќ и неговото семејство се соочуваат со сериозни последици: вандализирани автобуси, симнати регистарски таблички, закани и бројни казни.

На 1 јули, во знак на протест, тој се појави пред просториите на Српската напредна странка (СНС) во Нови Сад и најави дека ќе им се обрати на граѓаните. Ситуацијата ескалираше откако неговиот син беше приведен заради лепење плакати со фотографии на полицајци кои, според нив, го малтретирале Јачимовиќ. Неколку минути подоцна, Миломир се затвори во автомобилот, обвиткан со српско знаме, со јасна намера за самозапалување. Мирис на бензин се ширеше од возилото, а покрај него имаше балон со течност.

Интервентната полиција веднаш реагираше, ги скрши прозорците од автомобилот и го приведе. Подоцна му се слоши во полицискиот двор, по што интервенираше итната помош.

Овој чин ја потресе јавноста. На социјалните мрежи веднаш започна кампања за поддршка, а дијаспората организираше акција за собирање средства преку платформата GoFundMe под мотото „Помогнете му на храбриот човек од Србија во неговата борба за правда“. За само 12 часа беа собрани над 25.000 долари.

Јачимовиќ постојано нагласува дека неговата поддршка е исклучиво насочена кон младите и правото на слободен протест. Тој во неколку наврати јавно се заблагодари на граѓаните кои му донирале пари и покажале солидарност во моментите кога останал без можност за работа.

Поддршка пристигна и од студентите во блокада, кои се јавија со порака:

„Кога никој не сакаше да вози, тој рече: ’Влегувајте, деца, одиме!‘ Кога нè чекаа блокади, дожд и полициски кордони – Миломир нè чекаше. И кога му ги сечеа гумите, кога му се закануваа, кога му ги симнуваа табличките – тој не се повлече. Продолжи да вози.“

Студентите јавно му порачаа дека не смее никогаш да си науди, и дека никој што застанал покрај нив нема да биде оставен сам. Тие отворија и сметка на која граѓаните можат да уплатуваат помош:

Сметка: 340-1000182103-17
Име: Миломир Јачимовиќ
Адреса: Краља Петра Првог 12, Ѓурѓево

„Заедно сме на овој испит. И заедно ќе го положиме.“

Овој случај ги отвора прашањата за политички притисок, злоупотреба на институции и цената што ја плаќаат поединци кои гласно застануваат на страната на слободата и младите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни