Масовни протести во Словачка – Граѓаните бараат оставка од Фицо

Десетици илјади граѓани повторно излегоа на протест во центарот на Братислава, барајќи оставка од премиерот Роберт Фицо, кого го обвинуваат за промена на политиката во насока на приближување кон Русија.
Фото: EPA-EFE/JAKUB GAVLAK

Ова е вториот голем протест во последните две недели, а демонстрации се одржаа и во десетици други градови низ Словачка.

Демонстрантите со скандирања „Оставка, оставка“ и „Руски агент“ го повикаа Фицо да се повлече. Според проценките на медиумите, на Плоштадот на слободата во Братислава се собраа меѓу 42.000 и 45.000 луѓе, што е нешто помалку од претходниот протест кога учествуваа околу 60.000 граѓани.

Незадоволството расте поради политиките на левичарско-националистичката влада на Фицо, која ги напаѓа прогресивните противници, обвинувајќи ги дека сакаат да предизвикаат хаос и да ја урнат владата. Фицо ги отфрли повиците за оставка и најави нови превентивни мерки, тврдејќи дека има планови за радикализација на протестите, вклучувајќи и окупација на државни институции.

Критичарите стравуваат дека актуелната влада ги поткопува демократските вредности и ја оддалечува Словачка од Европската унија и НАТО. Дополнителни реакции предизвика и приватната посета на Фицо во Москва во декември, каде што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин – потег кој е редок меѓу лидерите на ЕУ по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Фицо ја брани својата надворешна политика, нагласувајќи дека Словачка останува дел од ЕУ и НАТО, иако некои политики на Унијата ги смета за проблематични.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни