Во руски напад со балистичка ракета врз градот Суми, на североистокот од Украина, што се случи утрово на Цветници, загинаа најмалку 34 лица, меѓу кои и две деца. Најмалку 117 лица се повредени, од кои 15 се деца. Станува збор за најсмртоносниот руски напад врз Украина оваа година.
Како што потврдија украинските власти, во нападот извршен со балистичка ракета „Искандер-М“ е погоден тролејбус.
На бруталниот напад реагираше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави:
„Без притисок врз агресорот, мирот е невозможен. Разговорите никогаш не ги запреа балистичките ракети и авионските бомби. Кон Русија треба да се однесуваме онака како што се однесуваме со терористи.“
Шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, изјави дека проектилите содржеле касетна муниција.
„Русите го прават ова со цел да убијат што е можно повеќе цивили“, рече Јермак.