Премиерата и претставата за ученици беа во Центарот за култура, а на отворено, актерите ја изведоа во дворот на Музејот на тетовскиот крај, место познато како „Куќата на Јовановци“.
Режисерот Зоран Јованоски нагласи дека според реакциите и критиките на публиката, задоволен е што претставата успеала длабоко да допре до емоциите на секој што ја погледна. Многу силни емоции, насмевки и по некоја солзичка на лицата кај публиката предизвика претставата.
„Да се постави на сцена ова култно дело е мој животен сон. Публиката и актерскиот тим направија да стане реалност онака како што замислував. Но, искрено, не очекував дека толку длабоко ќе продре до чувствата и кај децата и кај возрасните. Најмногу од сè, среќен сум што одново ги отворивме животните дилеми кај секој вљубеник на приказната за Малиот Принц за кои ќе се размислува долго, можеби во текот на целиот живот“, вели Јованоски.
Претставата изобилува со многу филозофски животни мудрости. Важно е тие да допрат до секое дете, смета тој.
„Децата знаат да ги разберат на свој начин и тие да имаат силно влијание во нивниот развој како личности, а подоцна и како професионални во професиите што ќе ги изберат. ’Малиот Принц‘ е одлична можност кај младите да се поттикне аналитичкото и критичкото размислување преку силните пораки за човековите вредности и за разликата во светогледите кај децата и возрасните“,
Инаку, претставата е подготвувана девет месеци и во неа играат 18 актери, членови на ЛТТ. Актерскиот тим е составен од различни возрасти – возрасни актери, млади и деца кои покажаа силна посветеност и љубов за оваа приказна да се постави на сцена.
Театарската претстава „Малиот Принц“ е поддржана од Министерството за култура во рамки на годишните конкурси за проекти од национален интерес. Книгата „Малиот Принц“ се смета за книжевно ремек-дело од светски размери, преведено на над 180 јазици.
ЛТТ во април годинава ја прикажа и премиерата на театарската претстава „Волчјо дете“ во режија на Владимир Јованоски, а на почетокот на мај прикажа уште една изведба на „Снежана и седумте џуџиња“ која се игра веќе неколку години.