Кулата Пирго, на локација над селото Мокриево на планината Беласица, се договара да се конзервира во јуни годинава, како и просторот околу неа, соопштија од Завод и музеј – Струмица.
„Овој потег на реконструкција на славната кула Пирго е остварување на идејата на повеќе генерации, затоа што постоеле повеќе иницијативи и петиции на многу жители и иселеници од овој крај“, се наведува во соопштението.

Основниот проект е финансиран од Општината, а конзервацијата ќе се врши со обезбедени средства од Министерството за култура и туризам.
Местото Пирго се спомнува во легендите и се памети во историјата како славно историско место особено во контекст на времето на Цар Самоил и битката на Беласица од 29 јули 1014 година, времето на комитопулите Давид, Арон, Мојсеј и нивниот брат Цар Самоил е средниот век на Македонија кога оваа кула била во својот автентичен изглед и функција.

Инаку Пирго е позната локација каде, особено на пролет и во лето, месното население и многу гости често прават излети и се организират настани.
Според начинот на градење, оваа кула најверојатно била изградена во доцната антика, еден вид фрурион, т.е. набљудувачница која го обезбедувала патот. Знаејќи дека голем број од тврдините кои ги користел самиот Самоил претставуваат доцноантички тврдини кои биле делумно обновувани, постои мислење дека оваа кула била употребувана од страна на Самоил како и тврдината Мацукион, која била освоена во 1014 година од страна на Василиј II и веднаш потоа разурната.

Според историските извори, Василиј ја освоил тврдината Мацукион, додека тврдината Термица и самата Струмица одолеале на ромејските напади. Фактот што оваа кула е осамена, без други придружни дефанзивни елементи, како и нејзината положба на доста благ терен, сето тоа придонело таа многу лесно да падне во оваа офанзива. Додека другите тврдини кои се наоѓале на патот на Василиј, одолеале на неговите напади.
Археолозите сметаат дека на ова место постоеле повеќе кули кои во време на Отоманското царство биле срамнети со земја за да се оневозможи да се укрепат комитите кои во тој период буквално вирееле на секој чекор на планината Беласица.

Секоја година на 10 август (29 јули според стариот календар), сите жители на населеното место се искачуваат на Пирго, каде што се наоѓаат и трите стари јавори од времето на битката.