Крушево, градот во пазувите на Бушева Планина, единствениот планински град во Македонија и највисокиот град на Балканот, сместен е на надморска височина од 1.220 метри. Град на некогашната Крушевска Република, на споменикот Македониум и на револуционерното минато. Некогашен центар на зографството, копаничарството, фрескосликарството, на традиционалното градителство, на Алафрангата. Град во кој се родени револуционери, поети, уметници… Дом на Никола Карев, Питу Гули, Никола Мартиновски, Васил Иљоски, Наум Наумовски Борче, Тоше Проевски и многу други. Крушево е град врзан за македонската историја, култура и традиција. Но, во исто време, тој е туристичко и културно богатство и ги негува убавините во кои е сместен и кои ги поседува.
Темелот на секоја приказна би била: си беше еднаш во едно време…така можеме и ние да ја започнеме приказната за Крушево, вели нашиот соговорник Борис Маркоски, историчар на уметноста од Крушево.
Според одредените постари научни податоци, историјата на Крушево започнува некаде во 18. век. Но, како се отвараат се повеќе архивите на одредени држави, се наоѓаат и други документи, кои ја поместуваат старосната граница на Крушево како град и како население, веќе и кон 14 век.
-Ако се потпреме на манастирските кодици кои претежно ги има во Слепчанскиот манастир и на османлската архива, каде во еден од пописните тефтери среќаваме податоци за Крушево како населба, откриваме дека тука Крушево постоело во тој период на времето. Постои кажување дека Крушево е како имот дадено на еден од беговите на Османската империја како награда за одредени воени достигнувања што била цел и пракса во османската власт – вели Борис.
Така Крушево како имот, објаснува тој било понудено за да се населат и други луѓе, бидејќи давањето на имотот на бегот е под поимот мезра, а тоа значи дека тоа место треба да се насели, тоа треба да биде населено.
-Уловите под кои бара бегот да се насели народ во Крушево се многу подобри, за разлика од условите во другите места. Имено помал данок, послободен живот, заштита од бандите кои харале во околинат. Па така можеме да сретнеме некои усни кажувања, дека од селото Стари Дол доаѓа во суштина основното и право населние на Крушево- вели Борис.
Иако и пред создавањето на Крушево, Крушево како месност не била непозната, ни раскажува нашиот соговорник.
– Доаѓале сточарски фамилии, сточари и едно од преданијата за самото име Крушево е тоа дека по централниот дел сега на градот имало некоја круша, по таа круша доста доаѓале од тие сточари па така и се нарекол и градот Крушево. Но еден податок не врзува за црквата св. Никола која е централна црква во градот и еден од двигателите или носителот на културниот развој на градот. Имено црквата во првиот свој период е направена во една мала трошна зграда која ја прават селаните кои доаѓаат од селото Николица. Си го носат и својот празник Св. Никола.
После тоа во еден малку поголем подем на населување на градот доаѓаат луѓе од реканскиот крај, од дебарскиот крај. Всушност доаѓаат мајстори, уметници, занаетчии и така натаму, па тогаш таа мала црква Св. Никола се возобновува и се прави оној убав храм св. Никола, во кој иконоставството го прави Петар Филипович Гарката – објаснува Борис.
После Илинденското востание храмот бил срушен, запален од страна на бандите, на башибозукот кој влегол после доаѓањето на османската војска.
Крушево, вели тој, не е обична населба и со себе носи многу голем културен развиток. Во неколку наврати доаѓа и влашко население од деловите на Албанија, посебно од Москополе, Грамос, од деловите на Грција и сите тие придонесуваат многу во културниот раст и развој на градот. Градот во тоа време е составен од словенското население и влашкото население кои остануваа до ден денес да ги негуваат своите обичаи, јазикот и културата.
Многу важни луѓе од историјата водат потекло токму од Крушево.
-Ние имаме многу културни дејци и тука пред се мислам на оние крушевски тајфи кои ги заографисуваат црквите во периодот на преродбата, па и конописци и нормално на крајот не би заминале никаде ако не го спомнеме нели Никола Мартиноски доајенот на современата македонска уметност. Првото златно време на Крушево, е времето на преродбата кога никнува цела таа занаетчиска и уметничка фела во Крушево. Градскиот шмек Крушево го добива со појавата на самата култура и уметност. Значи кога се јавуваат уметници кои сликаат, кои стануваат заминува на печалба и нормално се враќа со секоја убавина што ја видел. Така влегуваат и Алафранга, модел на облекување, значи она што го велиме шизици, всушност е таа европска алафранга. Народот во Крушево ги отфрла оние стари етно облеки и почнува да ги користи оние штофени, фини материјали. Она дотерување со капели и со шешири. Така да тоа е тој период кога ние го стекнуваме тоа ново и современо искуство и секако морам да спомнам дека не само тој шизички дел е во поимот на луѓето, туку и во поимот на живеење. Значи ние ги добиваме оние после шарени бои на фасади, јарќарни структури, иако нели споманвме дека градителството ни било многу развиено со мијачките мајстори. Богатите градски куќи од тие времиња, од тој период, ни ја раскажуваат сета таа приказна на тој градски стил на живеење – вели Борис.
Освен културата и уметноста, Крушево е познато и по борбената историја. По Смилевскиот конгрес, одлуката за востание против Турците паѓа на Крушево, пред се заради подобрата организација, можноста, условите и поставеноста и така натаму. Предводникот на тоа востание и на тој револуционерен оздив е Никола Карев.
-Карев бил школуван човек кој знаел да чита и кој по се изгледа многу се интересирал што тоа се случува во неговата околина. Тој гледал што случува во Париз, во Англија… Ги гледал тие промени на општественото уредување кои се случуваат во тогашната модерна Европа. По борбите, се создава Крушевската република која ја раководи претседателот на републиката Никола Карев. Слободата трае 10 дена. Република трае 10 дена, но нејзината рефлексија е во значење на цела македонска територија и цел македонски народ. Камен темелникот на македонската современа држава лежи во 2 август 1903 година – вели Борис.
Крушево почнува засилено да се развива на почетокот на педесетите години на минатиот век кога се создава и првиот музеј. Се отвараат школи, библиотеки и сите економски капацитети, фабрики. Помеѓу 70 и 80- тите година следи силен развој на Крушево и градот се развива како урбана средина.
Кога се зборува за Крушево, неминовно е да се спомене Никола Мартиновски, Крушевчанец, роден 1903 во виорот на Илинденското востание, уметник, академик и една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век. Дипломирал во Романија, а во 1928 година престојувал во Париз, каде што ја посетил Академи де ла Гранд Шомјер. Се вратил во Македонија и вовел светски модерни сликарски тенденции, карактеристични за Париската школа. Тој бил еден од основачите на Средното ликовно училиште во Скопје, меѓу иницијаторите на Друштвото на ликовни уметници и Националната галерија на Македонија, како и еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Инаку за да биде и Крушево одбележано во неговиот живот, самиот тој е дел од иницијативата за создавање на галерија тука во родното Крушево.
-Култиното наследство кое го има било кој народ во светот. Првично треба да го негува и чува самиот народ. И мислам дека за тоа сме и те како многу успешни – вели Борис.