КРИК 2025 не е само прослава на континуитетот, туку чин на истрајност – политички акт кој го прекинува текот на спектаклот, комодификацијата и тишината. Во време на институционална ерозија, популизам и нормализација на нееднаквоста, фестивалот поставува суштински прашања: што значи да се одржи критичка платформа кога отпорот и несогласувањето се задушуваат? Кои се алатките за вистинска трансформација кога културата и уметноста се соочуваат со системска стагнација?
Темата „Метаморфоза“ ја нагласува потребата за радикална реконституција на културниот и колективниот живот, коренета во солидарноста и одбивањето на културната амнезија и цензурата. Фестивалот не е само место за прослава, туку и простор за соочување со тагата и загубите на јавниот простор и демократските инфраструктури, но истовремено и основа за храбро дејствување.
Во рамки на програмата која ќе се одржува од 2 до 26 јуни, на повеќе локации низ Скопје, ќе бидат организирани концерти, промоции на книги, работилници и дискусии со еминентни уметници, теоретичари и активисти од регионот и пошироко. Одговорните уметнички и културни актери ќе ја носат пораката за преобразба како алатка за градење солидарни и инклузивни општества.
КРИК – фестивал за критичка култура е проект на Контрапункт и се одржува со поддршка од програмата „Култура и креативност за Западен Балкан“, Гете-институтот, Министерството за култура на Република Северна Македонија и Креативна Европа.
За сите кои веруваат во културата како поле на отпор, реакција и заедничка визија, КРИК 2025 е повик за дејствување – не за видливост, туку за вистинска културна преобразба!