Трн: Како започна проектот „Ре-УПОТРЕБА на театарскиот отпад“ и која беше вашата мотивација да се вклучите?
Марија Аризанковска, студентка на Архитектонски факултет УКИМ Скопје: Проектот започна како идеја за одржлив дизајн и можност да создадеме нешто значајно со материјали кои често се игнорираат или фрлаат. Сакавме да покажеме дека сценографијата може да се користи надвор од театарската сцена и да создадеме простор што служи заедницата на ФДУ. Како дел од проектите на лабораторијата на АКТО и ФРУ, имам добиено многу ново знаење за начинот на кој еден архитект треба да размислува и работи во приложениот простор.
Една од нашите постојани теми на разгледување се токму јавните простори во градот, нивната напуштеност и скриен потенцијал. Самата “јавност” на ваквите простори е тоа што ги прави од една страна, возбудливи, од друга страна, тешки за интервенција, бидејќи она што го правиш мора да биде во потесниот склоп на барања на нејзините идни корисници. Затоа со секој нов проект главната цел ние да собереме позитивни или негативни критики, кои би ги искористиле за подобрување на нашето разбирање за ваквите простори.
Трн: Каква улога играше анкетирањето на корисниците на просторот во дизајнирањето на оваа интервенција?
Екатерина Добривојевска, студентка на Архитектонски факултет УКИМ Скопје: Анкетата беше клучна! Таа ни овозможи да ги разбереме реалните потреби на студентите, професорите и посетителите на Академската сцена. Резултатите од анкетата ни помогнаа да ја обликуваме интервенцијата така што ќе одговара на навиките и желбите на луѓето кои го користат платото. Во однос на процесот, сметам дека ваквиот начин на „неформално“ учење преку комбинирање на мултидисциплинарни пракси се од особена важност за професионалното надополнување на студентите, бидејќи се стекнуваат со знаење кое што се однесува на решавање на реални проблеми и реални задачи, од кое што најмногу се учи. Во таа смисла, идејата за реупотреба на театарскиот отпад беше уште едно позитивно ограничување при создавањето на просторните концепти, преку кое што сите научивме нешто повеќе околу темата реуптореба, реалните потреби на тој простор и неговите корисници, и соодветно одговоривме на темата.
Трн: Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте при работа на овој проект?
Бојана Вуковојац, студентка на Архитектонски факултет УКИМ Скопје: Еден од најголемите предизвици беше како креативно да ги искористиме старите сценографски елементи. Тие се создадени за сосема други цели и простори. Затоа, требаше многу креативност за да најдеме начин тие да се вклопат во новиот контекст на јавен простор. Од една страна, ја добивме можноста да соработуваме со студенти-колеги од ФДУ, како и да се вклучиме во создавањето на некаков реален простор кој ќе му користи на секој студент, но и на секој посетител на ФДУ. Од друга страна пак, тоа и беше најголемиот предизвик, да создадеме еден простор кој ќе отслика толку многу случувања кои веќе постојат и личности кои редовно го посетуваат, но и многу можни кои би се јавиле дополнително. Идејата за секоја од интервенциите беше да се претстават и дополнителни програми кои би ја надоградиле моменталната. Па така, на самиот почеток, започнавме да ги согледуваме потребите и предизвиците на платото, да истражуваме различни референци, локални и од странство, за на крај да добиеме три решенија со различен пристап и карактер. Секоја од интервенциите дава посебен квалитет и драж на платото пред Академска сцена, и преку различен пристап ги решава потребите на студентите и вработените, а дополнително дава можност и на останатите да уживаат во тој дел од кампусот.
Трн: Каква улога имаше тимската работа во овој проект?
Катарина Томиќ, студентка на Архитектонски факултет УКИМ Скопје: Тимската работа беше основата на целото искуство. Работевме во групи, делевме идеи и помагавме едни на други во реализацијата. Менторството на Филип Јовановски ни беше од голема помош бидејќи тој ни помогна да ги структурираме идеите и да ги имплементираме на најдобар начин. Соработката со различни области е навистина клучна, бидејќи отвара нови перспективи и начини на размислување. Како група што работи со јавните простори и заборавени точки во градот, ова ни е посебно важно, бидејќи ни помага да ги согледаме овие простори од различни агли и да размислуваме за максимален нивниот потенцијал.
Трн: Што би сакале публиката и заедницата да земат како порака од оваа интервенција?
Марија Аризанковска: Како дел од проектите на лабораторијата на АКТО и ФРУ, имам добиено многу ново знаење за начинот на кој еден архитект треба да размислува и работи во приложениот простор. Една од нашите постојани теми на разгледување се токму јавните простори во градот, нивната напуштеност и скриен потенцијал. Самата “јавност” на ваквите простори е тоа што ги прави од една страна, возбудливи, од друга страна, тешки за интервенција, бидејќи она што го правиш мора да биде во потесниот склоп на барања на нејзините идни корисници. Затоа со секој нов проект главната цел ние да собереме позитивни или негативни критики, кои би ги искористиле за подобрување на нашето разбирање за ваквите простори. Се надеваме дека публиката ќе види дека дури и материјалите што веќе се користени можат да бидат трансформирани во нешто ново и корисно. Одржливоста не мора да значи компромис во дизајнот – напротив, може да инспирира уште поиновативни решенија.
Трн: Кои се вашите идни планови во областа на одржливиот дизајн и просторни интервенции?
Катарина Томиќ :Искуството од овој проект беше навистина возбудливо и инспиративно, особено за студент во својата последна година од студии. Овој проект ни овозможи да излеземе од рамките на секојдневните академски обврски и да добиеме една поинаква перспектива на знаењата и вештините кои сме ги стекнале. Една од најголемите предности беше можноста за соработка со студенти од ФДУ. Оваа соработка ни овозможи не само да запознаеме колеги од друга област, туку и да разбереме различни пристапи и начини на размислување, што дополнително ни го збогати нашето искуство. Овој проект ни го отвори погледот на многу нови можности за иднината. Би сакале да продолжиме да експериментираме со материјали и техники кои можат да придонесат за поодржлив јавен простор и да ја инспирираме заедницата да го препознае значењето на овие интервенции.
Овој проект покажува дека преку креативна и одржлива употреба на материјалите, може да се создадат простори кои не само што ја подобруваат естетиката, туку и одговараат на вистинските потреби на заедницата.