„Децата се најсреќни кога ќе им успее експериментот, кога теоријата ќе ја преточат во пракса, а заклучоците ги користат во секојдневното живеење“ – во неколку зборови Д-р Билјана Лалчевска Серафимовска – директор на ДКЦ „Карпош“ ја опишува работата на експериментална лабораторија за природни науки „Експериментум“.
Од 15 октомври 2020 година во Детски културен центар „Карпош“-Скопје функционира експериментална лабораторија за природни науки „Експериментум“. Тука децата на возраст од седум до петнаесет години можат низ практични експерименти да го совладаат тоа што го научиле како теорија за природните науки. Во „Експериментум“ практичните вежби се поделени по сектори, односно учениците во зависност од модулот кој го истражуваат ги прават експериментите од областа на природните науки. Во текот на еден месец имаат четири пати вежби од хемија и исто толкав број од областа на биологијата.

„Најголем интерес за правење експерименти има од страна на децата кои се на возраст од десетина година. Сите материјали кои ги користат при правењето на експериментите се од секојдневието, односно не се опасни за нив. Тоа подразбира дека користат квасец, оцет, масло за јадење, прехранбени бои… За оние експерименти каде се користат хемиски препарати кои можат да бидат опасни за децата тука е демонстраторот. Тој ги користи хемиските супстанци, а децата се само набљудувачи. По експериментот сами носат свои ставови и заклучоци“, вели Д-р Билјана Лалчевска Серафимовска – директор на ДКЦ „Карпош“.

„Експериментум“ не е само лабораторија во која се изведуваат експерименти од областа на природните науки. Децата преку 3Д моделите можат да ја видат анатомијата на човекот, градбата на ДНК, структурата на атомите и молекулите како и функционирањето на природните појави.
Иако официјалните уписи се прават два пати годишно, од ДКЦ „Карпош“ валат дека нема да биде вратено ниту едно дете кое има интерес за природата и науките кои ја изучуваат. Потенцираат на потребата од вакви експериментални лаборатории во сите основни и средни училишта, па дури и градинките. Досегашната пракса им покажала дека секое дете повеќе почува да ги сфаќа природните науки кога има можност тоа што го научило од книга да го визуелизира низ експеримент.

„Лабораторијата е отворена за сите деца од сите училишта како и за наставниците. Доколку имаат интерес за експериментирање од областа на хемијата и биологијата, а тоа не можат да го изведат во нивното училиште можат кај нас во „Експериментум“. Всушност тоа беше и нашата основна мисија со која тргневме, теоријата да се преточи во пракса. Иако оваа наша лабораторија се отвори во период на ковид пандемијата, за среќа стана интересна за децата и успешно ја пишува својата приказна до ден денес“, вели Д-р Билјана Лалчевска Серафимовска – директор на ДКЦ „Карпош“.
Инаку оваа лабораторија наречена „Експериментум“ при ДКЦ „Карпош“ е донација од општествено одговорната компанија Варус. Од ДКЦ „Карпош“ апелираат до сите општествено одговорни компании да ја продолжат праксата на Варус за ваквите лаборатории да бидат што подостапни за основните и средните училишта. Истакнуваат дека само на таков начин ќе се изградат генерации кои ќе ја сакаат науката, а со тоа и ќе се грижат за зачувување на природата со сите нејзини реткости и убавини.