Кирил Џајковски добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ,,Браќа Манаки”

Со оваа награда, македонската филмска заедница ја истакнува и ја слави уникатната уметничка визија на Кирил Џајковски, кој со својата музика ја збогати филмската и културната меморија на Македонија

Кирил Џајковски е добитник на годинашната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура, соопшти денеска претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

Џајковски е филмски композитор, но, пред сѐ, познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава.

Со оваа награда, македонската филмска заедница ја истакнува и ја слави уникатната уметничка визија на Кирил Џајковски, кој со својата музика ја збогати филмската и културната меморија на Македонија.

Наградата, статуетката „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, свечено ќе му биде врачена на Кирил Џајковски на затворањето на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.Семих Капланоглу, пак, е добитник на „Специјална камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 46. издание ИФФК „Браќа Манаки“.

Капланоглу е еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија, кој има добиено 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет.

Селекторот на главната натпреварувачка програма, Слаѓан Пенев, информираше дека фестивалот ќе се отвори и ќе се затвори со македонски филмови.

Со филмот на Теона Митевска, „Мајка“, ќе биде отворено годинашното 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а во главната програма ќе се прикажуваат филмови од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, Торонто, Локарно итн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни