Археолозите во округот Чангџинг, Џинан, пронајдоа најстарите познати делови од Кинескиот ѕид, изградени за време на династијата Западен Џоу (1046-771 пр.н.е.) и на почетокот на Периодот на пролетта и есента (770-476 пр.н.е.), пренесува Arkeonews.
Истражувањата, спроведени помеѓу мај и декември минатата година, се одвиваа на површина од 1.100 квадратни метри. Ова беше првото активно археолошко ископување на дел од Кинескиот ѕид во поранешната држава Ќи.
Древни траги потврдени со модерни методи
Археолозите користеа мултидисциплинарен пристап, собирајќи не само традиционални артефакти, туку и примероци од растенија и животни. Потоа, со помош на методите за датирање со радиоактивен јаглерод C14 и оптички стимулирана луминесценција (OSL), добија прецизни податоци за староста на пронајдените структури.
Кинескиот ѕид на државата Ќи е значаен дел од денешниот Кинески ѕид и е најстариот и најдолгиот негов сегмент, со вкупна должина од 641 километар.
Лидерот на проектот, Жанг Су, објасни дека ископувањата покажале дека изградбата на ѕидот се одвивала во повеќе фази. Откриени се земјени структури, патишта, темели, ровови и одбранбени јами.
„Ова археолошко откритие го поместува почетокот на изградбата на Кинескиот ѕид во времето на династијата Западен Џоу, што значи дека сме сведоци на најстариот негов дел досега. Ова е огромно откритие“ – изјави Лиу Женг, член на Кинеското друштво за антиквитети, за Global Times.
Покрај тоа, тимот на Жанг Су откри и древно населено место познато како Пингџин, кое досега било споменувано само во историските извори.