Владата на Калифорнија ќе поднесе тужба со која ги оспорува сеопфатните увозни царини воведени од претседателот Доналд Трамп, пренесуваат бројни медиуми. Со тоа, Калифорнија станува првата американска држава што покренува правна постапка против новите царини. Администрацијата на гувернерот Гевин Њусом тврди дека Трамп нема овластување да ги воведе царините. Њ
усом и државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, ќе поднесат тужба до федералниот окружен суд во Калифорнија, наведуваат неколку извори. Тие тврдат дека Трамп ги вовел царините незаконски и дека тие претставуваат „непосредна и ненадоместлива штета“ за економијата на државата.
„Економските последици од царините на Трамп се речиси секојдневна закана за граѓаните на Калифорнија“, изјави Бонта. „Хаотичното и импровизирано воведување на царините од страна на претседателот не само што е длабоко загрижувачко, туку е и незаконско.“
Ова е првиот правен предизвик од страна на некоја држава против новите царини на Трамп. Тој воведе основна царинска стапка од 10% на повеќето странски производи, а примената на повисоки стапки ја одложи за повеќето земји. Дополнително, воведе царини од најмалку 145% за многу кинески производи и посебни царини за одреден увоз од Канада и Мексико.
Калифорнија тврди дека Трамп нема овластување да воведува царини според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (IEEPA), на кој се повикуваше во своите извршни наредби. Тие тврдат дека овој закон му дозволува на претседателот да воведува економски санкции во време на вонредни ситуации, но не и царини.
Ова е трета голема тужба против царините на Трамп со слична аргументација. Во понеделник, Центарот за правда и слобода, заедно со мали бизниси, поднесоа тужба. Слична федерална тужба е покрената и на Флорида, во врска со претходните царински одлуки против Кина.
Белата куќа сè уште не одговорила на барањето за коментар во врска со тужбата.
Се очекува тужбата да биде поднесена во Северниот округ на Калифорнија. Засега не е познато колку ќе трае процесот, ниту кога би можело да се донесе одлука за суспензија на царините. Калифорнија ќе побара судот да ги прогласи царините за незаконски и да им забрани на федералните службеници нивна примена, пишува New York Times.
Калифорнија е петта најголема економија во светот, веднаш зад САД, Кина, Германија и Јапонија. Исто така, е најголемиот увозник меѓу американските држави и втор најголем извозник.
Законот IEEPA му дава на претседателот овластувања за преземање значајни економски мерки во услови на „невообичаена и исклучителна закана“ за САД. Претседателот може да „истражува, регулира или забранува“ странски трансакции, трговија со валути и хартии од вредност, како и плаќања и кредити поврзани со странски земји кои се закана. Но, законот не спомнува царини, па затоа тужителите тврдат дека Трамп не може да го користи како основа.
Законот IEEPA е донесен во 1977 година и претседателите го користеле 69 пати до 2024 година, најчесто за санкции кон конкретни земји. На пример, Џорџ В. Буш го користел против лица поврзани со тероризам.
Групите што го тужат Трамп тврдат дека нема реална вонредна ситуација што би го оправдала користењето на IEEPA за воведување сѐопфатни царини. Центарот за правда и слобода во својата тужба вели дека секоја вонредна состојба е „плод на Трамповата имагинација“. „Трговските дефицити кои траат со децении без предизвикување сериозна штета не се вонредна ситуација“, ниту пак „невообичаена или исклучителна закана“, се наведува во тужбата.