Како вампирите станаа алергични на сонцето — и зошто се враќаат „дневните шетачи“

Од античкиот фолклор до блескавите тинејџери – односот на вампирите со дневната светлина постојано се менува.

Благодарение на векови приказни, легенди, филмови и серии, денешната слика за вампирите е длабоко врежана во популарната култура: тие пијат крв, спијат во ковчези, се плашат од лук и крстови, и умираат ако им се забие кол во срце. Но, најмногу од сè – тие се суштества на ноќта, кои не можат да ја поднесат дневната светлина.

Но, тоа не било секогаш така.

Некои вампирски приказни дури претставуваат сосема спротивен концепт – суштества што можат да живеат на сонце: таканаречени „дневни шетачи“. Овој мотив е и стар и нов – доказ за неверојатната флексибилност на вампирот како симбол во раскажувањето приказни.

Сите овие идеи добиваат нов живот со премиерата на „Zombies 4: Dawn of the Vampires“, која дебитира на 10 јули на Disney Channel, а следниот ден и на Disney+. Повод доволен за да се навратиме на тоа како вампирите го загубија сонцето – и зошто некои повторно го враќаат.

Потеклото на ноќните вампири

Вампирската митологија е стара и разновидна, со корени во фолклорот од целиот свет. Во многу култури, вампирите се поврзани со темнината, но не секогаш биле уништени од светлината.

Во кинеската традиција, на пример, имало верување дека ако вампир наиде на вреќа со ориз, ќе биде опседнат да ги брои зрната едно по едно – сè додека не изгрее сонцето и не го затекне, објаснува Лора Вестенгард, професорка по готска литература во Њујорк.

Дури и во славниот роман „Дракула“ на Брем Стокер од 1897 година, вампирот не се пеплосува од сонце – тој е само послаб. Слично е и со претходни дела како „The Vampyre“ (1819) од Џон Полидори и „Кармила“ (1872) од Џозеф Шеридан Ле Фану.

„Тие претпочитаат да спијат преку ден, но не умираат од сонце,“ вели Вестенгард.

Од „Носферату“ до Холивудскиот вампир

Идејата дека вампирите умираат од сонце првпат добива популарност преку култниот германски нем филм „Носферату“ (1922) на Ф.В. Мурнау. Во кулминацијата, вампирот Гроф Орлок изгорува кога го фаќа утринската светлина – пресврт што не го постои во романот на Стокер.

„Тоа се само три секунди од филмот, но тој момент ја менува историјата на вампирскиот мит,“ вели Стенли Степаник, професор на Универзитетот во Вирџинија.

Од тогаш, горењето на сонце станува главна карактеристика на вампирите.

Културата на „анти-сонце“ вампири

До крајот на 1990-тите, оваа слабост на вампирите беше толку распространета што компанијата Ray-Ban ја искористи во реклама – прикажувајќи стилски вампири заштитени од сонцето со нејзините очила.

Дури и Стефани Мејер во „Twilight“ ја прифати оваа идеја, со тоа што нејзините вампири не гореа – туку сјаеја, па затоа се криеја од сонце за да не откријат дека не се луѓе.

Враќањето на дневните шетачи – и „Blade“

Но, вампирскиот мит постојано се преосмислува. Еден од најважните примери за вампир што може да издржи на сонце е Blade – култниот херој од филмот од 1998 година, базиран на Марвел стрип.

Blade е полувампир – неговата мајка била касната додека била бремена. Тој има сили како вампир, но не и слабости. Со тоа станува „дневен шетач“ – непобедлив ловец на сопствената крвна линија.

„Тоа што е фатен меѓу два света – човек и вампир – го прави толку интересен лик,“ вели Степаник.

„Zombies 4“: Вампири со светлосни топки, без крв

Новата Disney франшиза „Zombies 4: Dawn of the Vampires“ го претставува денешниот пристап кон вампирите – без хорор, без крв, со поука. Во приказната, вампирите се поделени на „ноќни“ и „дневни“ – два света што мора да научат да соработуваат.

„Филмот е за спротивности кои се разбираат,“ вели режисерот Пол Хоен.

Дневните вампири живеат во град од стакло и светлина, имаат моќ да создаваат енергија, додека ноќните управуваат со ветерот. Наместо крв, се хранат со „крвен плод“ – симболичен извор на живот без насилство.

Вампирот – огледало на човековата природа

Иако новите генерации создаваат нови типови вампири, класичниот вампир – синоним за темнината и опасноста – сè уште доминира. На пример, филмот „Sinners“ на Рајан Куглер, каде вампир излегува од темнината на Мисисипи и тероризира клуб преку една ноќ.

„Нема еден вистински вид вампир,“ заклучува Вестенгард.
„Тие постојано се менуваат затоа што ги отсликуваат нашите стравови, желби и конфликти.“

Во денешната култура, вампирот е повеќе од мит:
Тој е огледало на човечката природа – симбол што раскажува приказни за самотија, моќ, исклученост, желба и надеж. И како што се менуваме ние – се менува и тој.

Извор: The National Geographic

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни