Не постои лента која е доволно долга за да може успешно да ја измери висината на една планина, па одговорот се крие во тригонометријата. Поточно, се работи за метод кој се вика тријангулација, која бара да се знае растојанието помеѓу две точки на тлото и аголот помеѓу тие две точки и врвот на планината.
Висината на планината се мери од нивото на морето, кое теортестки, треба да биде исто на целата планета, па одредувањето на висината исто така бара од лицето кое го врши мерењето да знае на која надморска висина е точката на тлото од која сака да ја мери висината на планината. Исто така, треба да се земе предвид и искривувањето на површината на земјата.
Бидејќи станува збор за мерење на планини, се користи уред кој се вика теодолит. Тоа е оптички прецизен инструмент кој изгледа како телескоп и може да мери хоризонтални и вертикални агли.
Со два агли и должина на едната страна на „триаголникот“, можете да ги комбинирате сите овие бројки во неколку тригонометриски формули (користејќи го правилото на синусите и Хероновата формула) и на тој начин да стигнете до висината на планината.
Меѓутоа, овој метод кој бил користен низ историјата не значи дека е најточен. На пример, кога офицерот од британската војска, сер Ендрју Скот Во и неговиот тим ја измериле висината на Монт Еверест во рамки на Големото тригонометриско истражување, атмосферата на Земјата им застанала на патот.
Светлината може да отстапи од права линија додека минува низ атмосферата, се „свиткува“ во атмосферата, што е познато и како атмосферско прекршување. Ова се случува поради промената на густината на воздухот. Овој феномен може да биде поизразен на поголеми растојанија и бидејќи тогаш предметите што се мерат може да изгледаат пониски или повисоки отколку што навистина се, мерењата може да бидат неточни.
Денес, поедноставно и далеку попрецизно е да се измери висината на планината со помош на GPS. Тоа е добра работа кога станува збор за Монт Еверест, бидејќи неговата висина всушност може да се промени – не поради промените во методите на мерење, туку поради геолошките настани како земјотреси.
Извор: Н1