Како најголемиот светски пензиски фонд остана без 40 милијарди долари?

Норвешкиот пензиски фонд, кој преку приходите од нафта и гас ги обезбедува пензиите на идните генерации, уште еднаш покажа колку и најголемите светски инвеститори се изложени на ризиците од ненадејни пазарни пресврти. Историскиот раст на технолошкиот сектор му донесе рекордни профити, но истовремено ја зголеми неговата ранливост на промените во расположението на Волстрит.

Најголемиот светски пензиски фонд – норвешкиот државен пензиски фонд, кој воедно е и најголем инвестициски фонд во светот – во првото тримесечје од 2025 година забележа загуба од речиси 40 милијарди долари, што претставува негов најголем пад во последната година и пол.

Фондот изгубил 415 милијарди норвешки круни (точно 39,72 милијарди долари), што илустрира колку пазарите станале непредвидливи, дури и за институции кои управуваат со билјони долари, пишуваат Ројтерс, Блумберг и CNBC.

Фондот е под управување на Norges Bank Investment Management (NBIM) во име на норвешкиот народ. Основан е во 1990-тите за инвестирање на вишокот приходи од нафтената и гасната индустрија, а денес вложува во повеќе од 8.600 компании во 63 земји.

Во изминатото тримесечје, најголем удар доживеа технолошкиот сектор, кој со години наназад беше главен двигател на растот. По исклучително успешната 2024 година, кога акциите на технолошките гиганти донесоа рекордни добивки, почетокот на 2025 донесе ненадеен пресврт. Технолошките акции беа под притисок поради глобалната пазарна нестабилност, што силно се одрази на фондот – бидејќи приближно 70% од неговите инвестиции се во акции, а најголемиот дел од тие средства се вложени во американски технолошки компании.

NBIM има значителни удели во компании како што се Meta, Alphabet, Amazon, Nvidia, Tesla и Microsoft. Нивната слабост дополнително се продлабочи поради тринеделната распродажба на акции од технолошки гиганти во март, кога од пазарот беа „избришани“ 2,7 билиони долари од вкупната пазарна вредност. Оваа распродажба беше поттикната од сè поголемите стравувања за влијанието на царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.

Нестабилноста беше најавена уште во јануари, кога кинеската компанија DeepSeek го претстави својот голем јазичен модел базиран на вештачка интелигенција, за кој тврдеа дека бил развиен по значително пониски трошоци од конкурентите како OpenAI (ChatGPT). Тоа предизвика пад на вредноста на акциите на AI-компании, особено на Nvidia.

Во периодот од јануари до март, приносот од акции изнесувал -1,6%. Приносот од обврзници бил позитивен и изнесувал 1,6%. Инвестициите во неберзански недвижности донеле принос од 2,4%, а оние во инфраструктура за обновлива енергија 1,2%. Вкупниот принос за тримесечјето изнесувал 0,6%, според извештајот.

На крајот на март, фондот управувал со имот вреден 18,5 билиони норвешки круни (приближно 1,738 билиони американски долари). Повеќе од половина од целокупниот имот останува вложен на американскиот пазар – преку акции, државни обврзници и недвижности.

И покрај големите загуби, управата на фондот останува посветена на долгорочната инвестициска стратегија. „Првото тримесечје беше обележано со значителни пазарни флуктуации. Нашите вложувања во акции донесоа негативен принос, главно поради слабоста на технолошкиот сектор“, изјави извршниот директор на NBIM, Николај Танген.

Норвешкиот пензиски фонд, кој преку приходите од нафта и гас ги обезбедува пензиите на идните генерации, уште еднаш покажа колку и најголемите светски инвеститори се изложени на ризиците од ненадејни пазарни пресврти. Историскиот раст на технолошкиот сектор му донесе рекордни профити, но истовремено ја зголеми неговата ранливост на промените во расположението на Волстрит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни