Kако изгледа градот во кој луѓето живеат под земја?

Во свет кој сè повеќе се соочува со екстремни климатски услови, Кубер Пиди нуди интересен поглед на тоа како би можеле да изгледаат архитектурата и начинот на живот во иднина. И тоа – под земја

Глобалното затоплување и сè поекстремните климатски промени ги натераа луѓето ширум светот да бараат иновативни начини за преживување. Еден од највпечатливите примери доаѓа од северот на Јужна Австралија, од малото гратче Кубер Пиди, каде жителите – наместо над, живеат под земја.

На прв поглед, Кубер Пиди изгледа како пуст, прашлив град во средината на ништо. Летните температури достигнуваат и над 50°C, поради што животот на површината е речиси невозможен. Наместо да го напуштат овој суров предел, жителите се – прилагодиле. Тие живеат во домови ископани длабоко во земјата, каде што температурата е пријатни 23 степени во текот на целата година.

Името Coober Pedy потекнува од абориџинскиот израз „купа-пити“, што во превод значи „белец во дупка“. Градот е оддалечен повеќе од 800 километри од најблискиот урбан центар, а е познат и како „престолнина на опалот“, поради големите наоѓалишта на овој драг камен.

Подземните објекти – цркви, ресторани, станови, па дури и казино и терени за голф – се изградени така што нудат заштита од екстремните горештини. Ископани се на длабочина од најмалку четири метри, за да се осигура стабилност на конструкцијата. Однадвор изгледаат како обични куќи, но одвнатре потсетуваат на пештери – рустикални, но функционални.

Кубер Пиди има рударска историја – сè започнало по Првата светска војна кога ветераните се вратиле дома со знаење како да копаат ровови. Кога го откриле опалот, започнала рударска експанзија. Оние кои пронаоѓале камен, често спиеле покрај него – со пушка – за да се заштитат од грабежи.

Малите „пирамиди“ расфрлани низ пејзажот не се украс, туку остатоци од децении ископувања, познати како дугаутс. Иако денес има помалку рудари, рударската индустрија и туризмот го одржуваат градот економски жив.

Животот под земја нуди повеќе предности отколку само заштита од горештини. Речиси и да нема инсекти, а жителите велат дека подземните домови се поотпорни и на земјотреси – вибрациите едвај се чувствуваат. Освен тоа, тишината и изолираноста прават овие домови да бидат особено пријатни за живеење.

Во свет кој сè повеќе се соочува со екстремни климатски услови, Кубер Пиди нуди интересен поглед на тоа како би можеле да изгледаат архитектурата и начинот на живот во иднина. И тоа – под земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни