Изложба на фотографии „Во допир со Македонија – 10 години Викиекспедиции“

Поминаа точно десет години откако постои можеби за многумина не толку познатиот теренски проект „Викиекспедиции“, кој се спроведува на волонтерска основа од страна  на членови на Викимедија МКД. Првенствената цел на проектот е документирање на македонските села заедно со сите знаменитости коишто се наоѓаат во нив и нивната  околина.

Од започнувањето на проектот во 2015 година, променети се осумнаесет различни членови на екипата којашто ги спроведува теренските истражувања, но составот на екипата во последните шест години го сочинуваат четворица членови чии улоги се поделени на истражувач, фотограф, возач и оператор на дрон. 

Теренските истражувања во рамки на овој проект ја однеле екипата во 46 различни области во Македонија, а притоа се посетени 1083 села (од вкупно 1749 на територијата на Македонија, што е близу 62% од сите села), направени над 18.500 фотографии и создадени или збогатени над 3.200 статии на Википедија на македонски јазик, со што многу скриени убавини на Македонија се направени подостапни и повидливи во очите на пошироката јавност. 

Пред почетокот на овогодинешното истражување од единаесеттата сезона, на македонската јавност ќе ѝ бидат прикажани 100 одбрани фотографии направени во досегашните истражувања во рамки на проектот, а воедно посетителите ќе бидат  информирани за достигнувањата на проектот, неговото значење и можностите кои проектот и слободната енциклопедија Википедија ги нудат. Оттука, би сакале да ве поканиме да бидете дел од овој настан којшто е посветен на претставување на културните и природните знаменитости коишто се длабоко скриени во македонските села. 

Изложбата ќе се одржи во сабота (26 април) од 18:00 часот во Музејот на современа уметност во Скопје, на којашто ќе има официјално претставување од страна на екипата којашто го спроведува проектот. 

Влезот на изложбата е слободен. 

Повеќе информации на: https://www.facebook.com/events/1008046260849245

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни