Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола одбележува два значајни настани, 100 години од најстарата единица – Научен институт – Прилеп и 45 години од основањето на УКЛО.
Овие исклучително важни моменти поврзани во слоганот „Еден век наука и знаење“ се афирмираат на повеќе начини, меѓу кои со издавање оригинална и изворна поштенска марка. Со дизајнот на промотивната поштенска марка Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги обедини двата моменти, со стилизирано решение од годишнините: 45 и 100.
Промоцијата на промотивната поштенска марка ќе се одржи на 15 ноември 2024 г. во рамки на одржувањето на Годишната меѓународна научна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“.
Инаку, периодот од 100 години Научен институт за тутун – Прилеп е временски интервал во кој Институтот остварува забележителен развој во својата специфична научна дејност додека УКЛО ги заокружува своите 45 години како современа високообразовна установа, солидно позиционирана, чии академски вредности се цврст темел за подемот на Универзитетот.