Истражување открива генетска врска меѓу мизофонијата, анксиозноста и депресијата

Мизофонијата е сензорно нарушување кое предизвикува екстремна чувствителност на одредени звуци или стимули

На повеќето луѓе им е непријатно кога некој гребе со нокти по табла, но лицата со мизофонија доживуваат сличен стрес кога слушаат звуци како сркање, ’рчење, дишење или џвакање.

Мизофонијата е сензорно нарушување кое предизвикува екстремна чувствителност на одредени звуци или стимули. Кога ќе ги слушне овие звуци, лицето може да доживее силни емоционални, физиолошки и бихејвиорални реакции, пишува Science Alert.

Овие чувства можат да варираат, но обично вклучуваат бес, иритација, гадење или анксиозност. Иако тригерите можат да бидат различни, најчести се звуците на џвакање, дишење, голтање или чукање, пренесува Danas.rs.

Истражување објавено во Холандија во 2023 година покажува дека мизофонијата има генетски поврзаности со нарушувања на расположението, како што се анксиозност, депресија и посттрауматско стресно нарушување (ПТСП).

Психијатарот Дирк Смит од Универзитетот во Амстердам и неговиот тим анализирале генетски податоци од големи бази на податоци, вклучувајќи ги UK Biobank, 23andMe и Геномскиот психијатриски конзорциум.

Откриле дека луѓето кои се самоидентификувале како лица со мизофонија почесто имаат гени поврзани со психијатриски нарушувања, но и со тинитус (постојано ѕвонење во ушите), кој пак често се поврзува со симптоми на анксиозност и депресија.

Смит објаснил дека е пронајдено и генетско преклопување со ПТСП, што сугерира дека истата невробиолошка основа може да придонесе за појавата на обете состојби. Тоа отвора можност некои терапии што се користат за ПТСП да бидат ефективни и кај мизофонија.

Сепак, тоа не значи дека мизофонијата и овие нарушувања имаат идентични причини, туку дека делат некои заеднички генетски ризици.

Претходни истражувања покажале дека лицата со мизофонија често ги потиснуваат своите чувства, а новото истражување потврдило поврзаност со личносни карактеристики како претерана загриженост, вина, осаменост и неуротицизам.

Реакциите на мизофонските тригери можат да се движат од лесна иритација и бес до сериозна вознемиреност која го нарушува секојдневниот живот. Авторите наведуваат дека вознемиреноста често произлегува повеќе од внатрешен конфликт и чувство на вина, отколку од самиот гнев.

Интересно е што лицата со аутизам имале помала веројатност да доживеат мизофонија, иако инаку имаат намалена толеранција на звуци. Истражувачите веруваат дека тие се генетски различни состојби.

На крајот, истражувачите истакнуваат дека податоците главно доаѓаат од европски популации и дека случаите на мизофонија биле самопријавени, а не клинички дијагностицирани, што може да влијае врз точноста на резултатите.

Сепак, ова истражување дава вредни насоки за идни истражувања и може да помогне во подобро разбирање на биологијата на мизофонијата.

Анкета од 2023 година сугерира дека мизофонијата е почеста отколку што претходно се мислело, што дополнително ја нагласува важноста на оваа тема

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни