Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се усвоени измените на Концепцијата за основно образование, кои произлегоа од сугестиите на стручната и пошироката јавност, особено наставниците од основните училишта. Во периодот на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието работеше на доработка на предложените содржини за подобрување на концепцијата.
Со измените, повторно се враќаат предметите историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни научни дисциплини во седмо, осмо и деветто одделение, дел од третиот воспитно-образовен период во основното образование. Оваа промена е поттикната од потребата за јасно дефинирани насоки и содржини, кои претходната Концепција ги интегрираше, но со несоодветни упатства за реализација и со намалени обем на важни материјали.
Како дел од овие реформи, во наредниот период ќе се изработат нови наставни планови и програми за седмо, осмо и деветто одделение, кои постепено ќе се воведуваат од учебната 2025/2026 година, па во наредните две учебни години.
„Изразуваме благодарност до сите кои со своите идеи придонесоа за подобрување на Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е во првите редови на овој процес. Посветени сме на транспарентно работење, со активно учество на сите засегнати страни во овие промени,“ порачуваат од МОН.