Во вторник во 20 часот во Паркот на Франкофонијата ќе биде отворена изложбата Ограничена мобилност, интерактивна изложба посветена на проблемите со мобилноста на инвалидизираните лица во колички, но и старите лица кои се движат со помагала како сите други граѓани на Скопје кои користат помагала, колички за пазар и слично и кои заради инфрастуктурниот хаос и отсаството или целосно бекорисните и премногу стрмни рампи не можат слободно да се движат низ градот.
На изложбата ќе бидат претставени фотографии од двете активистичко/уметнички акции спроведени во текот на овој месец кои беа посветени на ограничената мобилност спроведени од група млади уметници и активисти на Центарот за современи уметности Скопје кои во својата иницијатива се осврнуваат на падот на квалитетот на живот на луѓето кои се движат со помагала поради немањето можност за нивно самостално движење односно изложувањето на опасност поради непостоење или уништена/блокирана инфраструктура која го олеснува движењето на лицата кои користат помагала односно колички.
На настанот посетителите исто така ќе имаат можност во рамките на кратката дискусија да разговараат за модалитетите како да се решаваат овие проблеми и како да се креира притисок кон надлежните посериозно да се зафатат со решавање на проблемите на ограничената мобилност.
Во рамките на настанот посетителите ќе можат да ги маркираат точките кои тие ги знаат како „недостапни„ односно проблематични, преку означување на нивните локации на мапата на Скопје и неколку други градски планови.
Идејата на маркирањето на проблематичните места е да се креира детална мапа на проблеми која подоцна ќе биде споделена со надлежните но секако ќе биде и појдовна точка за креирање активистички форми на притисок за решавање на проблемите на ограничената мобилност во Скопје.
Изложбата е дел од проектот „Млади, култура и активизам за промени“, кој го реализираат Центарот за современи уметности – Скопје и DELI – Простор за креативни активности – Ниш, со финансиска поддршка од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).RYCO е меѓувладина организација која поттикнува и промовира регионална и интеркултурна соработка меѓу младите во општествата на Западен Балкан.
Програмите на RYCO се фокусирани на создавање можности за младите да учествуваат во активности кои градат меѓусебно разбирање и помирување во граѓанскиот, социјалниот, образовниот, културниот и спортскиот домен.
RYCO иницира и учествува во креирање на политики и застапува реформи. Истовремено, ја поддржува изградбата на политичка и општествена средина што овозможува и олеснува младинска размена.