Земјите опфатени во студијата се: Канада, Данска, Франција, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и САД. Во повеќето од нив, платниот јаз меѓу имигрантите и локалното население се намалува побрзо кај втората генерација имигранти, отколку што е случајот во Германија, пренесува агенцијата dpa.
Во Германија, првата генерација имигранти заработува просечно 19,6% помалку од Германците. Според истражувањето, главната причина не е разлика во платата за иста работа, туку ограничениот пристап на имигрантите до подобро платени работни позиции во одредени сектори, професии и компании.
Овој фактор објаснува дури три четвртини од вкупната разлика во заработката.
Истражувањето е спроведено врз примерок од 13,5 милиони имигранти и домашни вработени во девет држави.
„Интеграцијата не значи само еднаква плата за еднаква работа. Суштината е во отстранување на структурните пречки кои го ограничуваат пристапот до добро платени работни места,“ изјави еден од авторите на студијата, Малте Рајхелт.
Како клучни мерки за надминување на овие пречки, тој ги истакна: поддршката за учење на локалниот јазик, признавањето на странските дипломи, градење професионални мрежи и подобрување на информираноста.
Во Германија, и втората генерација имигранти и понатаму заработува помалку – во просек 7,7% под платата на Германците. Иако оваа разлика е помала од онаа што ја доживеале нивните родители, таа особено ги погодува лицата со потекло од Африка и Блискиот Исток.
Каква е состојбата во другите држави?
Најголема разлика во платите на првата генерација имигранти е забележана во:
- Шпанија – 29,3%
- Канада – 27,5%
- Норвешка – 20,3%
- Германија – 19,6%
- Франција – 18%
- Холандија – 15,4%
Најмала разлика е измерена во:
- САД – 10,6%
- Данска – 9,2%
- Шведска – 7%
Просечната разлика во платите кај втората генерација имигранти изнесува 5,7%. Германија и тука е над просекот со 7,7%, додека највисока разлика има во Норвешка (8,7%), а најмала во Канада (1,9%).