Kings of Leon ги откажуваат концертите во Велика Британија и Европа поради повреда на фронтменот

Американскиот рок-бенд Kings of Leon ги откажа сите претстојни концерти во Велика Британија и Европа, откако фронтменот Кејлеб Фоловил го повредил стапалото во, како што ја опиша, „чудна несреќа“.

Во официјалното соопштение, бендот објави дека Фоловил претрпел сериозна повреда — скршена петица — што го спречува да патува или настапува. „Процесот на закрепнување се очекува да трае околу осум недели, под внимателен надзор на стручни ортопедски специјалисти“, се наведува во соопштението. Бендот изрази жалење што мора да ги откаже сите фестивалски настапи во Велика Британија и Европа закажани за јуни и јули оваа година.

Во видео објава на Инстаграм, Фоловил сподели детали за несреќата: „Здраво на сите, особено на нашите европски фанови кои се подготвуваа да нè видат ова лето. Со жалење ве известувам дека тие концерти ќе мора да бидат откажани поради чудна несреќа. Си ја скршив ногата додека играв со моите деца.“ Тој додаде дека му била извршена итна операција и дека му било препорачано целосно мирување и избегнување на патувања во наредните осум недели.

Фоловил и неговата сопруга, моделот Лили Олдриџ, имаат две деца: ќерката Дикси (12) и синот Винстон (6).

Бендот планираше да го започне европскиот дел од турнејата на 10 јуни во Париз, со настапи во Шпанија, Германија, Италија, и завршница во Португалија на 12 јули. Настапи беа закажани и на фестивалите „Блеквајр Филдс“ во Кардиф и „Литам“ во Ланкашир, чии организатори најавија дека ќе им ги вратат парите на купувачите на билети.

И покрај откажаните датуми, веб-страницата на Kings of Leon сè уште ги прикажува настапите на фестивалите „Викториус“ во Портсмут и „Ком тугедер“ во Њукасл, закажани за август.

Во видеото, Фоловил нагласи дека бендот планирал да дебитира со нови песни токму на оваа турнеја. „Имавме планирано многу возбудливи работи. Сега ќе мора да се свртиме и да најдеме нов начин да продолжиме со тоа што го започнавме. Возбудени сме да ви покажеме што работиме, и ќе продолжиме со она што можеме додека трае закрепнувањето.“

Kings of Leon, добитници на Греми, го објавија својот последен албум “Can We Please Have Fun” во мај минатата година. Хелен Браун од The Independent го оцени со четири ѕвездички, опишувајќи го како „изненадувачки свеж и полн со енергија“, со поразновидно темпо и повесела звучна палета.

Извор: Yahoo

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни