Хепатитот убива 50.000 лица годишно во Европа, во Македонија 40.000 болни – Можеме ли да ја спречиме епидемијата?

„Тивки инфекции“ како хепатит Б и Ц се шират низ Европа незабележано. Дознај како хепатит Б и Ц го загрозуваат здравјето во Европа и зошто дијагнозата доцни кај милиони.

Милиони луѓе низ Европа живеат со хепатитот Б или Ц без да се свесни за тоа, што ги изложува на сериозен ризик од заболувања на црниот дроб и рак, предупредија здравствените власти.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) објави нов извештај според кој околу пет милиони луѓе во Европската Унија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка живеат со хроничен хепатит Б или Ц — но голем дел од нив не се дијагностицирани ниту лекувани.

Хепатитот Б и Ц често се нарекуваат „тивки инфекции“ бидејќи може со години да не предизвикуваат симптоми, додека полека го оштетуваат црниот дроб. Со текот на времето, тоа може да доведе до фиброза (ожилување), цироза или рак на црниот дроб.

Вирусот најчесто се пренесува преку контакт со заразена крв или телесни течности – на пример, преку незаштитен секс или споделување опрема за инјектирање дрога.

Клучни бројки:

3,2 милиони луѓе имаат хепатит Б, а 1,8 милиони имаат хепатит Ц. Заедно, вирусите се поврзуваат со приближно 50.000 смртни случаи годишно во регионот. Според ECDC, над 65% од заразените со хепатит Б и 62% од заразените со хепатит Ц сѐ уште не се дијагностицирани.

„Мораме да ја нагласиме клучната важност од засилување на напорите за превенција и контрола на вирусниот хепатит,“ – д-р Марике ван дер Верф, раководителка на секторот за крвно-преносливи вируси и туберкулоза при ECDC.

Таа посочи дека пристапот до вакцинација, тестирање и медицинска грижа е „од суштинско значење за поздраво и поотпорно европско население“.

Во глобален контекст, се проценува дека 1,3 милиони луѓе годишно умираат од хроничен вирусен хепатит во светот – што е приближно 3.500 смртни случаи дневно, што го става на исто ниво со туберкулозата (ТБ).

Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека 2,8 милиони од тие смртни случаи може да се спречат до 2030 година, и ги повика владите да го интегрираат скринингот и лекувањето за хепатитот во основната здравствена заштита, особено за ранливите и ризичните групи.

40.000 болни во Македонија

Според проценките од Светската здравствена организација (СЗО) и Global Hepatitis Report, во Македонија околу 1,71 % од населението живее со хроничен хепатит Б, додека 0,55 % се заразени со хепатит Ц што е околу 40.000 пациенти заразени со хепатит.Иако вакцинацијата против хепатит Б е дел од националниот календар од 2004 година и покриеноста надминува 95 %, вирусот останува присутен особено кај постарите генерации и ризичните групи.

Загрижувачки е фактот дека само околу 23 % од лицата заразени со хепатит Б се дијагностицирани, а уште помал процент – помалку од 7 % – имаат пристап до соодветна терапија. Кога станува збор за хепатит Ц, преваленцата во општата популација се движи околу 0,4 % до 0,6 %, но во ризични групи – како што се лица на дијализа или инјекциски корисници на дроги – таа достигнува 23–43 %. Истражувањата покажуваат дека кај дијализираните пациенти доминира генотип 1 (89 %), додека кај корисниците на дроги преовладува генотип 3 (64 %).

Моделните проценки на Институтот за здравствени метрики (IHME) за 2021 година укажуваат дека стапката на смртност од хепатит Б во земјата е околу 5,7 на 100.000 жители, а од хепатит Ц – околу 5,1. Овие бројки ја истакнуваат потребата од подобри програми за скрининг и навремен пристап до лекување.

Иако Македонија презела одредени чекори – како национални стратегии и вакцинација при раѓање – предизвиците остануваат сериозни. Недостатокот од национални програми за ефикасен скрининг, ограничени финансиски средства и нерегистрирани лекови ја отежнуваат борбата со хепатитот.

Во рамки на европските препораки, ECDC и СЗО повикуваат владите да го интегрираат тестирањето и лекувањето за хепатит во основната здравствена заштита, особено кај ризичните групи. Само преку рано откривање, сигурен пристап до терапија и силни политики, можно е да се спречат илјадници случаи на цироза, рак на црн дроб и предвремена смрт.

Лекување и превенција:

Хепатит Ц може целосно да се излечи со краткотрајна и ефикасна терапија со антивирусни лекови. Хепатит Б моментално не може да се излечи, но може да се контролира со долготрајна терапија која го потиснува вирусот и го намалува ризикот од оштетување на црниот дроб.

Во меѓувреме, хепатит А, кој се пренесува преку контаминирана столица, е акутна инфекција што најчесто поминува самостојно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни