Харвард го тужи Доналд Трамп поради незаконско ускратување на 2,6 милијарди долари

Универзитетот Харвард поднесе тужба против администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, обвинувајќи ја дека незаконски му ускратила 2,6 милијарди долари за финансирање на научноистражувачки програми. Доколку судот пресуди во корист на универзитетот, тоа би значело поништување на сите замрзнувања на средства кои беа наметнати од страна на администрацијата на Трамп.

„Овој случај се однесува на обидите на Владата да го искористи ускратувањето на федерално финансирање како средство за преземање контрола врз академските одлуки на Харвард“, се вели во жалбата на универзитетот, додавајќи дека со тоа се создава ризик Вашингтон да управува со автономијата на високото образование.

Харвард ја обвинува администрацијата на Трамп за одмаздничка кампања, откако универзитетот одбил неколку барања од писмо испратено на 11 април 2025 од федералната работна група за борба против антисемитизмот. Во писмото се барало Харвард да ги ревидира ставовите на студентите и професорите, да прифати повеќе студенти или да вработи нов кадар доколку се утврди недостиг од „различни гледишта“ на кампусот.

Вашингтон го обвини Харвард дека станал „жариште на либерализам“ и дека толерира „антисемитско вознемирување“. По овие обвинувања, ректорот Алан Гарбер изјави дека универзитетот ќе се бори против антисемитизмот, но додаде:
„Ниту една влада не смее да диктира што ќе предаваат приватните универзитети, кого ќе примаат или со кои научни области ќе се занимаваат.“

Во мај, секретарката за образование Линда Мекмахон соопшти дека Харвард повеќе нема право на нови државни грантови, а неколку недели подоцна започнаа и формалните откажувања на договорите со универзитетот.

Харвард, кој поседува најголем универзитетски фонд во САД во висина од 53 милијарди долари, пренасочи дел од своите истражувања кон самофинансирање. Во судските документи, универзитетот нагласува дека не е објаснето како прекинот на истражувања поврзани со третман на рак, поддршка на ветерани или национална безбедност, ќе придонесе во борбата против антисемитизмот.

Од страна на администрацијата на Трамп се негираат обвинувањата за одмазда и се тврди дека преиспитувањето на грантовите започнало уште пред испраќањето на писмото во април.

Во јуни, официјален Вашингтон јавно објави дека Харвард толерира антисемитизам, што би можело да доведе до целосна забрана за државно финансирање – што академската јавност ја нарече „смртна казна“ за универзитетот.

Дополнително, администрацијата се обидела да му забрани на Харвард да прима странски студенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни