Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала е регистриран ноќеска околу 2 часот по локално време, во мореузот јужно-југозападно од грчкиот остров Касос, во близина на Крит, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.
Според првичните информации, епицентарот бил на длабочина од 64,4 километри, што придонело да се намали интензитетот на тресење на површината. Земјотресот се почувствувал и на островите Родос и Кос, како и во одредени делови од Турција.
Како превентивна мерка, издадено е предупредување за можен цунами, но засега нема извештаи за повредени или значителна материјална штета.
Професорот по геологија и претседател на Организацијата за заштита од земјотреси (ОАСП), Ефимиос Лекас, изјави дека длабочината на епицентарот била клучен фактор зошто земјотресот не предизвикал сериозни последици.
„Ваквите подлабоки земјотреси обично се појавуваат како изолирани настани, без пред- или последователна сеизмичка активност“, нагласи Лекас.
Тој додаде дека потресот се случил во таканаречениот ‘Грчки лак’, регион каде што се судираат Европската и Африканската тектонска плоча, но исклучи било каква поврзаност со неодамнешните земјотреси на Санторини и во Турција, бидејќи се работи за различни геолошки структури.
Земјотресите се честа појава во овој регион, но научниците уверуваат дека моменталната ситуација не предизвикува загриженост за понатамошни силни потреси.