Во текот на 2024 година, беа спроведени активности за оценка на состојбата на Караниколичкото Езеро во соработка со проф. Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје. Истражувањето потврди дека климатските промени значително влијаат на ова хидролошко богатство – растечките температури, намалените снежни врнежи и зголеменото испарување го намалуваат нивото на езерото, со што го прават подложно на пресушување.
Глацијалните езера – индикатори за здравјето на екосистемот
Шар Планина е дом на повеќе глацијални езера кои претставуваат клучни хабитати за биодиверзитетот во регионот. Овие езера се природни индикатори што го одразуваат степенот на зачуваност на екосистемите и чувствителноста на природата на климатските промени. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека многу од овие езера, вклучително и Караниколичкото, се во опасност од постепено исчезнување, што би имало неповратни последици врз локалната флора и фауна.
Како може да се заштити ова природно наследство?
За зачувување на Караниколичкото Езеро и останатите глацијални езера на Шар Планина, неопходно е да се преземат мерки за одржливо управување и заштита на природата. Националниот парк Шар Планина има воспоставено правила за посета, чија цел е да се минимизира влијанието на човековата активност.
Секој посетител може да даде свој придонес во зачувувањето на ова природно богатство преку почитување на правилата:
- Не оставај отпадоци – Секој оставен отпечаток во природата има долгорочни последици.
- Движи се по обележаните патеки – Ова помага да се заштити кревкиот растителен свет околу езерото.
- Информирај се и едуцирај други – Подигањето на свеста е клучно за долгорочната заштита на екосистемите.
Големото Караниколичко Езеро е повеќе од природна убавина – тоа е жив сведок на минатото и индикатор за иднината. Неговата судбина зависи од сите нас.