Откако папата Франциско беше погребан, сите очи се вперени кон конклавата – тајниот состанок на кардиналите кои ќе се соберат за неколку дена за да изберат нов поглавар на Католичката црква.
Покрај светските лидери и монарси, се проценува дека околу 400.000 луѓе се собрале на последното простување со аргентинскиот папа во Ватикан и на улиците на Рим. Толпата е доказ за популарноста на Франциско, енергичен реформатор кој се залагаше за најсиромашните и најранливите.
Многумина од оние кои жалеа за починатиот папа, кој почина во понеделник на 88-годишна возраст, изразија загриженост околу тоа кој ќе го наследи. „Тој ја трансформираше црквата во нешто понормално, почовечно“, рече Ромина Качиаторе (48), аргентинска преведувачка која живее во Италија.
„Загрижена сум за тоа што следува“, додаде таа.
Утре во 9 часот наутро кардиналите ќе го одржат петтиот состанок од смртта на папата, на кој се очекува да го објават датумот на конклавата. Изборот на папа, кој се одвива зад затворени врати во Сикстинската капела, украсена со фрески, со векови е предмет на јавна фасцинација.
Кардиналите-избирачи ќе гласаат четири пати дневно додека еден кандидат не обезбеди двотретинско мнозинство, резултат кој се објавува со палење на хартија што ослободува бел чад. Луксембуршкиот кардинал Жан-Клод Холерих изјави дека очекува конклавата да се одржи на 5 или 6 мај, по деветдневната жалост која завршува на 4 мај.
Германскиот кардинал Рајнхард Маркс им рече на новинарите дека конклавата ќе трае само „неколку дена“.
Погребот на Франциско, одржан на плоштадот Свети Петар под силното пролетно сонце, беше мешавина од свечена церемонија и емоционални изливи за првиот латиноамерикански папа. Толпа се очекува и денес кога јавноста ќе може да ја посети неговата едноставна мермерна гробница во базиликата Santa Maria Maggiore, неговата омилена црква во Рим.
Франциско беше погребан во ниша на црквата, станувајќи првиот папа по повеќе од еден век кој е погребан надвор од Ватикан. Во беседата на погребот, кардинал Џовани Батиста Ре ја истакна папината одбрана на мигрантите, неговите постојани повици за мир и уверувањето дека црквата е „дом за сите“.
Многумина ожалостени изразија надеж дека следниот папа ќе го следи неговиот пример. „Загрижени сме; се надеваме дека новиот папа ќе продолжи на темелите кои ги постави папата Франциско“, рече Евелин Виљалта, 74-годишна жена од Гватемала.
„Тој беше папа кој остави белег на нашата генерација“, напомена Марин Де Парсово, 21-годишна француска студентка која присуствуваше на мисата.
Кардинал Маркс потврди дека дискусијата за следниот папа е отворена, истакнувајќи: „Не е прашање на конзервативност или прогресивност… новиот папа мора да има универзална визија.“
Повеќе од 220 од вкупно 252 кардинали присуствуваа на вчерашниот погреб, а повторно ќе се соберат денес попладне во базиликата Santa Maria Maggiore за да оддадат почит на гробот на Франциско. Денес во 10:30 во базиликата Свети Петар ќе се одржи миса, која ќе ја предводи Пиетро Паролин, државен секретар за време на Франциско и главен кандидат за следен папа.
Само кардинали помлади од 80 години имаат право на глас во конклавата, а во моментов има 135 – поголемиот дел од нив именувани од самиот Франциско. Но експертите не претпоставуваат дека ќе изберат некој сличен на него.
Франциско, поранешен надбискуп на Буенос Аирес кој сакаше да биде меѓу својот народ, беше многу различен од својот претходник Бенедикт XVI, германски теолог. Бенедикт пак беше значителна промена во однос на полскиот претходник, харизматичниот и исклучително популарен Јован Павле II.
Некои кардинали признаа колку е тешка одговорноста што стои пред нив при изборот на новиот поглавар на 1,4 милијарди католици во светот. „Се чувствуваме многу мали. Мораме да носиме одлуки за целата Црква, па мора навистина да се молиме за себе“, рече Холерих.