Гинисов рекордер: Лемурот Стампи го прослави својот 39-ти роденден

Во зоолошката градина „Five Sisters“ во шкотското село Вест Калдер, Западен Лотијан, беше одбележан неверојатен јубилеј – 39-тиот роденден на најстариот лемур во заробеништво во светот.

Мажјакот по име Стампи официјално е впишан во Гинисовата книга на рекорди како најстар лемур со прстенест опаш. Роден е во јуни 1986 година во Сари, Англија, а од 2005 година живее во Шкотска.

Иако има проблеми со видот и артритис, Стампи сè уште е во релативно добра здравствена состојба. Тимот во зоолошката градина секојдневно се грижи за него – со третмани за зглобовите, мерења на тежина и специјална нега на жлездите.

Прстенестите лемури во заробеништво живеат во просек 20–25 години, а во дивина околу 20. Стампи ја надмина таа граница речиси двојно, што ја прави неговата долговечност вистинско чудо.

Роденденска забава и семејна атмосфера
По повод роденденот, Стампи доби специјална торта направена од овошје и храна за примати. На забавата му се придружија и неговите „деца“ – 21-годишниот Ред и 20-годишниот Џулијан.

„Тој е омилен меѓу посетителите. Обожава да се сонча, да грицка гранчиња од врба и слатки компири“, вели Џема Варли, главна чуварка во градината.

„Тој е дел од нашето зоолошко семејство веќе 20 години. Горд сум што неговата неверојатна долговечност е признаена и од Гинис“, додава Гери Куран, менаџер на зоолошката.

Уредникот на Гинисовата книга, Адам Милвард, истакна:
„Да се живее повеќе од десет години над просечниот животен век е исклучително достигнување. Стампи без сомнение го заслужува ова признание.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни