„Забрането е да се шета низ Les Sables-d’Olonne без маица или само во костим за капење. Малку пристојност, ве молам“, изјави градоначалникот Јаник Моро за телевизијата CNEWS, додавајќи дека оваа мерка има за цел да воспостави појасни правила на однесување и да ги заштити жителите од некултурно однесување од страна на туристите.
Прекршителите ќе се казнуваат со 38 евра
Одлуката не е само симболична. Локалната полиција доби наредба да ги санкционира сите кои не го почитуваат новото правило. Казната за шетање низ улиците без горен дел од облеката или само во бикини ќе изнесува 38 евра, со можност за зголемување доколку се повтори прекршокот.
Градоначалникот Моро го оправдува потегот како мерка за зачувување на јавниот ред и хигиена во јавни простори, особено на пазарите и продавниците, каде што полуголите тела се сметаат за непримерни и навредливи за локалното население.
„Почитта кон жителите е основа за здрав однос помеѓу туристите и градот. Плажата е место за релаксација, но улиците се јавен простор кој бара елементарна пристојност“, рече тој.
Хумористичен постер како дел од кампањата
Градот не ја пропушти можноста да го претстави новото правило со доза на хумор. Промотивен плакат кој го поддржува движењето против шетање во костими за капење низ градот прикажува илустрација со текст: „По 200 години елеганција, не сакаме гаќи на нашите улици!“.
Плакатот го прикажува визуелниот развој на облеката низ вековите: почнувајќи од господин во традиционална француска облека покрај дама во долга тоалета, па сѐ до модерен турист во шорц, маица и патики, а на крајот – маж без маица, што симболизира пад на елеганцијата.
Целта на ваквиот пристап, според Моро, е да се едуцираат туристите на забавен и ненападен начин, со надеж дека ќе се запрашаат како изгледаат во очите на локалното население.
Туристите поделени, локалните жители – благодарни
Мерката наиде на поделени реакции. Додека дел од туристите велат дека не гледаат проблем во тоа да се движат низ градот веднаш по излегување од плажа, локалното население масовно го поддржува потегот на градските власти. „Ние не живееме во одморалиште само лето време. Градот е наш дом, не хотелски комплекс“, изјави еден жител за локалните медиуми.
Градоначалникот пак останува дециден: “Доколку сакате да го покажете вашиот стомак или најдобриот костим за капење, на располагање имате 11 километри плажа. Улиците се место за друго однесување.”
Со оваа одлука, Les Sables-d’Olonne се приклучува на неколку други европски туристички дестинации, како Барселона и Венеција, кои веќе имаат воведено слични забрани и казни поради несоодветно облекување на јавни места.
Одмор со стил
Мерката нема да го наруши духот на летувањето, туку напротив – има за цел да го поттикне одморот со стил и почит, што е и во духот на француската традиција. Туризмот не треба да значи компромис со вредностите на локалната заедница, туку партнерство помеѓу оние што доаѓаат и оние што живеат таму.
На крајот, како што велат од општината, туристите ќе продолжат да доаѓаат, но редот мора да постои – со костим за капење на плажа, и со маица во градот.