Филип Дејвид Чарлс, попознат како Фил Колинс, со години имаше сериозни здравствени проблеми откако во 2007 година претрпе повреда на ‘рбетот, која предизвика сериозно оштетување на нервите.
По операцијата на грбот, тој се здобил со повреда на нервот во стапалото што му го отежнува одењето. Десет години потоа се здобил со повреда на главата.
Неговата подвижност дополнително се влоши во последниве години, поради што за време на прошталните настапи на Genesis во 2022 година, тој можеше да пее само седејќи, додека неговиот син свиреше на тапани. Својот последен концерт го одржа во лондонската О2 Арена. Колинс во таа прилика се прости од своите фанови.
„Постојано размислувам да одам во студио и да видам што ќе се случи, но повеќе ја немам таа страст. Работата е во тоа што јас сум болен, многу болен“, призна музичарот. Новинарот забележал дека гласот му ослабнал додека зборувал за своето здравје.
Музичарот уште во 2021 година изјави дека повеќе нема да свири на тапани затоа што физички не можел.
„Едвај ги држам палките во рака. Јас сум доста ограничен физички, што е многу фрустрирачко“, рече тој тогаш.
Колинс стана водечки вокал на Genesis откако Питер Габриел реши да го напушти бендот. Габриел присуствуваше на последниот концерт на Џенезис во О2 Арената и рече дека, иако Фил не бил толку фит како некогаш, бендот завршил одлична работа. По заминувањето на Габриел, Genesis стана поуспешна од кога било.