Фицо: Директорот на СЗО бараше од Словачка да се откаже од барањето за гласање за договорот за пандемии

Гласањето за конечната верзија на договорот се очекува во наредните денови, а останува да се види дали словачката интервенција ќе влијае врз исходот или врз динамиката на расправата меѓу земјите членки на СЗО.

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, изјави дека примил телефонски повик од генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, во кој било побарано од словачката влада да го промени својот став и да се откаже од барањето за гласање за договорот за пандемии.

„Повторив дека словачката делегација е обврзана со упатството на словачката влада да побара гласање за договорот“, објави Фицо на социјалната мрежа X.

Премиерот изрази изненадување од обидот, како што рече, да се избегне основна демократска процедура – гласање, додавајќи дека Словачка, во случај гласањето да се одржи, нема да го поддржи договорот.

„Словачка нема да го поддржи овој документ затоа што, според ставот на мојата влада, тој го поткопува принципот на суверенитет на земјите членки и несразмерно се меша во областа на човековите права“, рече Фицо.

Договорот за пандемии, кој се подготвува под покровителство на СЗО како глобален одговор на предизвиците како што беше пандемијата на ковид-19, веќе неколку месеци предизвикува поделби меѓу земјите членки. Критичарите, меѓу кои е и словачката влада, предупредуваат дека таков документ може да ја ограничи автономијата на националните здравствени политики, додека поддржувачите тврдат дека е неопходен за подобра координација и одговор во идни здравствени кризи.

Гласањето за конечната верзија на договорот се очекува во наредните денови, а останува да се види дали словачката интервенција ќе влијае врз исходот или врз динамиката на расправата меѓу земјите членки на СЗО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни