ФЕИТ лидер во дигиталната трансформација – отворен првиот европски дигитален иновациски хаб  ЕДИХ

Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), заедно со уште 10 партнери од државата, го отвори првиот Европски дигиталениновациски хаб – ИНОФЕИТ ЕДИХ. Со ова, Македонија станува дел од европската мрежа на дигитални иновациски хабови, создавајќи нови можности за компаниите, јавните институции и истражувачките организации за поддршка на нивната дигитална трансформација.
Раководителот на ИНОФЕИТ професорот, Димитар Ташковски, истакна дека овој центар претставува кулминација на заложбите на ФЕИТ за промоција на иновациите, дигиталната трансформација и соработката меѓу академијата, индустријата и општеството, притоа информирајќи дека е дел од мрежата на  околу 200 ЕДИХ-и, кои ја обликуваат иднината на дигитална Европа.

„Мисијата на ИНОФЕИТ ЕДИХ е да ги поттикне малите и средните претпријатија и јавните институции да ја зголемат својата конкурентност преку употреба на дигитални технологии. Клучните аспекти на нашата работа вклучуваат  пристап до најдобрата техничка експертиза и најсовремената инфраструктура за тестирање, интеграција на иновациски услуги, решавање на еколошки предизвици“, рече Ташковски, кој дополни дека во наредните четири години, благодарение на финансиската поддршка од Европската Комисија (50%) и Владата (50%), над 300 услуги во вредност од 2 милиони евра ќе бидат бесплатни за корисниците, односно за малите и средните претпријатија и јавните институции.

Ректорката на УКИМ, професорката, Билјана Ангелова, во своето обраќање нагласи дека овој хаб не е само инфраструктура или организација, туку и симбол на потенцијалот на УКИМ и на Македонија да одржат чекор со глобалните текови, да се воведат дигитални и зелени иновации, како да се создаде иднина која ќе биде одржлива, конкурентна и хумана.

„Воспоставувањето на ИНОФЕИТ ЕДИХ е уште еден доказ за капацитетот на УКИМ во Македонија. Обединувањето на сите значајни чинители во македонскиот иновациски екосистем на едно место, тргнувајќи од најпрестижните универзитети, најрепрезентативните стопански комори, до едни од најзначајните компании е потврда за нашето значење. Тргнувајќи од мал центар на еден факултет ФЕИТ, преку потврдување на статусот како единствен целосно оперативен ДИХ во 2021 и конечно преку воспоставувањето на мрежата денес, ИНОФЕИТ покажа дека ФЕИТ и УКИМ се најактивните чинители во Македонија во насока на обезбедување иновациска извонредност и трансфер на технологии“, рече Ангелова.
Учесниците потенцираа дека ИНОФЕИТ ЕДИХ преку програми за обука, менторство и пристап до најсовремена технологија ќе создаде нова генерација на дигитални професионалци подготвени за предизвиците на 21-виот век.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни