„Еволуцијата на распадот“, вечерва во Драмски Манипулација, его и потрагата по хармонија

Вечерва, со почеток во 20 часот, на сцената на Драмски театар во Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Еволуцијата на распадот“ во режија на Дамјан Димовски. Оваа постановка е прва од петте дела што ќе бидат прикажани во рамки на посветата на независната театарска сцена. Претставата, работена според „Отело“ на Вилијам Шекспир, е продукција на „Артема – театарска лабораторија“.

Музиката во претставата е дело на Дарко Спировски, а актерската екипа ја сочинуваат Илин Јовановски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Илина Чонкова, Тодор Стојковски и Ѓорѓе Нешковиќ.

Во време кога светот е преплавен со информации и избори, а луѓето привидно се слободни, претставата ја поставува дилемата: дали сме навистина поинформирани и послободни или сè е само илузија на современото доба? Длабоко во човековата природа сè уште се крие расипаноста, егоизмот и неспособноста за вистинска хармонија.

Егото, манипулацијата и лицемерието стануваат најсилните двигатели на денешното општество, создавајќи атмосфера на страв и несигурност. Наместо да се стремиме кон заедничка хармонија, стануваме жртви на сопствените борби за лична важност, туркајќи ги другите надолу за да стигнеме „погоре“.

Шекспировиот „Отело“, преку приказната за манипулација и лицемерие, ни ги отсликува предизвиците на денешницата. „Еволуцијата на распадот“ ја истражува улогата на таквите токсични луѓе во нашето секојдневие, нивните влијанија и прашањето: можеме ли како поединци да се ослободиме од нив или засекогаш ќе останеме заробени под нивната сенка?

Со оваа претстава, публиката ќе биде повикана на размислување: дали ќе продолжиме да се јадеме меѓусебно или конечно ќе пронајдеме начин сите заедно да постигнеме вистинска хармонија?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни