Европската Унија со јасна порака до Србија: Притисоците врз новинарите се неприфатливи, слободата на медиумите е клучна за евроинтеграциите


Реакцијата на Европската Унија доаѓа откако Н1, на 11 јули, достави официјално писмо до европските институции и меѓународни организации, во кое ја информираше јавноста за драматичната ситуација во која се најдоа новинарите и редакцијата. Причина за алармот беше писмо со заканувачка содржина, во кое анонимни испраќачи ги „потсетуваат“ на масакрот во редакцијата на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо, при што беа убиени 12 новинари.

Во одговорот, потпишан од Јиржи Плецити, шеф на Единицата за Србија и Косово при Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, а испратен на иницијатива на еврокомесарката за проширување Марта Кос, се потенцира дека Европската унија е длабоко загрижена поради континуираните напади и атмосферата на страв што ја чувствуваат медиумите во Србија.

„Свесни сме за сериозноста на вашите укажувања. Поддржуваме независно новинарство како столб на демократските општества, особено во светло на неодамнешните студентски и граѓански протести, по кои се засилија нападите врз новинарите“, стои во одговорот на Европската комисија.

Плецити подвлече дека слободата на медиумите е не само едно од основните човекови права, туку и суштински критериум во пристапниот процес кон Европската Унија. Според него, токму ова прашање е централен дел од Поглавјето 23 – преговарачко поглавје кое се однесува на владеење на правото, правосудството и фундаменталните права.

„Очекуваме од српските институции да реагираат брзо и ефикасно на сите закани и инциденти насочени кон новинари и медиумски работници. Обврска на властите е да обезбедат судска разрешница и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, се нагласува во писмото.

Дополнително, Европската Унија апелира до властите во Белград да создадат „подобро и поттикнувачко опкружување“ за слободна и независна работа на медиумите. Потсетуваат дека политичките и државни функционери треба да се воздржат од вербални напади, говор на омраза и етикетирања на медиумските куќи, кои дополнително ја влошуваат безбедносната клима за новинарите.

Овој став на Европската комисија доаѓа во момент кога новинарите на Н1, како и на други независни медиуми во Србија, се соочуваат со зголемен број вербални и физички напади, закани и државно организирани кампањи на дискредитација. Според новинарските здруженија, како SafeJournalists, овие закани се последица на долгогодишно таргетирање на независните медиуми од страна на властите, особено преку провладини таблоиди и јавни настапи на функционери.

„Клучно е новинарите да можат да ја вршат својата работа без закани, притисоци и страв. Само така граѓаните можат да добијат веродостојни, точни и балансирани информации“, стои во одговорот од Европската комисија.

Еврокомесарката Марта Кос во своите претходни изјави јасно стави до знаење дека напредокот на Србија кон ЕУ ќе биде условен со решавање на клучните системски прашања – од кои слободата на медиумите е едно од најважните. Таа истакна дека европскиот пат на Србија треба да биде гаранција дека овие предизвици ќе бидат адресирани.

Европската комисија најави дека ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата поврзани со слободата на медиумите во Србија, а случајот со Н1 ќе биде вклучен во наредниот Годишен извештај за напредокот на земјите-кандидати во процесот на проширување, кој ќе биде објавен во 2025 година.

Во контекст на тековните геополитички и демократски предизвици, овој случај претставува пресвртна точка и тест за тоа дали Србија е навистина подготвена да ги следи европските вредности и стандарди, особено кога станува збор за заштита на основните слободи и правото на информирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни