Експертска дебата: Потребни се подобрувања во пристапот кон жртвите на сексуално насилство

Дебатата на тема „Дали се почитува пристапот фокусиран на жртва при прибирањето на докази во случаи на сексуално насилство и силување“, одржана денеска, ги истакна главните предизвици со кои се соочуваат жртвите на сексуално насилство, но и институциите задолжени за процесуирање на овие случаи.

Препораките укажаа на потребата од решенија што ќе овозможат законито постапување на полицијата, обвинителството, судовите и лекарите, а истовремено ќе спречат двојна виктимизација и дополнителна траума за жртвите.

„Кога работиме на развивање на закони, стратегии, политики за насилство врз жени, мораме да имаме на ум еден многу важен аспект – кои се потребите на жртвата во моментот кога ќе побара помош. Независно дали првично ќе се обрати во граѓанска организација или во некоја од релевантните институции, тоа што ѝ е најпотребно и е спремна да го направи треба да биде во фокус на чекорите кои ќе бидат преземени“, истакна Елена Димушевска, директорка на Мрежата против насилство врз жени и семејно насилство.


Професорката Гордана Лажетиќ од Институтот за казнено право и криминологија при Правниот факултет „Јустинијан Први“ предложи формирање банки за чување на форензички докази. Таа нагласи дека доказите мора да се соберат навремено, додека жртвата треба да биде охрабрена да пријави и заштитена од институциите преку меѓусекторска соработка и ангажман на граѓанските организации.

Судијката Оља Ристова, преку примери од судската пракса, укажа на недоследностите во постапките. „Судовите се должни да ги почитуваат правата на жртвите, меѓутоа за да се донесе правилна одлука, постапката мора да се базира врз законити и релевантни докази“, потенцираше Ристова.

Обвинителката Ленче Ристоска ја објасни процедурата при пријавување и прибирање докази во случаи на сексуално насилство и силување, нагласувајќи дека има простор за подобрувања. „Процесот може да биде олеснет за жртвата – таа да не мора да дава искази пред сите инстанци и системот да биде поефикасен кога се работи за вакви случаи“, истакна таа.

Независната експертка Неда Чаловска предупреди дека актуелниот систем го принудува пријавувањето на сексуално насилство во полиција и обвинителство, без разлика на волјата на жртвата. „Истанбулската конвенција и ГРЕВИО, кој ја набљудува нејзината имплементација, јасно посочуваат дека сите сервиси, вклучително и собирањето на доказите во случај на силување, треба да и бидат обезбедени на жртвата, без разлика дали таа во моментот сака или не сака да го пријави делото“, рече Чаловска.

Таа додаде дека најголемиот број земји од ЕУ веќе применуваат ваков пристап и посочи: „Праксата покажува дека во случај на силување форензичките докази се земаат во согласност со волјата на жртвата и се чуваат до две години, период во кој таа може да одлучи дали ќе поведе постапка против сторителот.“

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, истакна дека тие постапуваат согласно важечките закони и дека евентуалните законски измени ќе ги следат. Тој ја нагласи важноста на навременото прибирање, чување и обработка на телесните докази.

Имајќи предвид дека сексуалното насилство, особено силувањето, е една од најмалку пријавуваните форми на насилство, како и препораките на ГРЕВИО од септември 2023 година и обврските од Истанбулската конвенција, државата има должност да го почитува пристапот насочен кон жртвата. Дебатата беше организирана од Мрежата против насилство врз жените и семејно насилство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни