На 9 мај во просториите на Base24 во Скопје ќе се одржи мултимедијален културен настан во организација на ПАГОДА, здружение кое се занимава со промоција на источноазиски култури во Македонија, што ги спојува дигиталната уметност, поезијата и јапонската естетика. Поводот е промоцијата на книгата DYSTOKYO, објавена во Токио во декември 2024 година, во која се застапени делата на македонските автори Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева.
Публиката ќе има можност повторно да ги види делата кои премиерно беа изложени на City Pop настанот на Пагода во Скопје минатата година – glitch уметничките композиции на Симон Калајџиев и cyberpunk поезијата на Зориа Петкоска Калајџиева. Овојпат, изложени во ново, проширено издание, интегрирани низ компјутерски екрани, ѕидни проекции и печатени формати.
Настанот, под наслов DYSTOKYO: glitch изложба и cyberpunk поезија, ќе започне во 20 часот, а ќе вклучи повеќеслојна програма. Покрај изложбата и промоцијата на книгата, ќе се одржи и поетско читање на пет јазици – македонски, англиски, јапонски, корејски и кинески – како и јавна дискусија на тема cyberpunk поетика и glitch естетика.

На панелот ќе учествуваат проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и самите автори – Петкоска Калајџиева, поет и уредник за култура, и Калајџиев, илустратор и дигитален уметник.
Посетителите ќе имаат можност да набават примерок од книгата DYSTOKYO, а во рамките на настанот ќе биде присутна и иницијативата Донирај Компјутер, каде граѓаните ќе можат да донираат стар технолошки уред и за возврат да добијат авторско изненадување.
Настанот ќе биде збогатен со тематска музика и специјално подготвени коктели инспирирани од cyberpunk културата.
Организатор на настанот е здружението Пагода, во соработка со Base24 и Донирај Компјутер.
Влезот е слободен, а настанот е отворен за пошироката публика и медиумите.

За авторите:
Зориа Петкоска Калајџиева е полиглот, полимат и поетеса која раскажува урбани приказни преку патеписи, визуелни песни и „зборигами“ – нејзиниот поетски бонсаи-стил. Таа е авторка на методата за пишување „Поетска археологија“, застапничка на сајбер(панк) поезијата и добитничка на награди за превод. Таа е уредник за култура во The Japan Times, главна уредничка е на списанието [Ш] и дел од уредништвото на Tokyo Poetry Journal. Има магистратура по англиска книжевност и истражува поетски канџи на Универзитетот за странски студии во Токио. Нејзината книга „Зборигами“ (Матица, 2015) ја прикажува Јапонија преку хаику-песни во форма на знаци. По преселбата во Токио, ја создава изложбата „Дестилирана емоција: Токио на Неуроманцер“ и објавува футуристичка поезија инспирирана од сајберпанкот.
Симон Калајџиев е дипломец на Ликовната академија кој уште во 2015 ја изложува „Citygraphy“ – пејзажи од Токио и Сеул. По преселбата во Токио во 2016, работи во Nikken Sekkei како архитектонски илустратор. Неговите цртежи ја надминуваат архитектурата – тие се визии на световите што ги создава и за кои раскажува. Автор е на проектот Araknights Gothika и книгата Verlossen (Flip Book Books, 2023), која ги спојува неговите илустрации со текстови од 14 автори.