Две бронзи за македонските средношколци на Меѓународната економска олимпијада во Баку

Македонскиот тим постигна значаен успех на 8. Меѓународна економска олимпијада (ИЕО 2025), која се одржа од 20 до 29 јули во Баку, Азербејџан.

Медалите ги освоија македонските средношколци Христијан Захарчев од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола и Миша Веселински од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје.

Значаен придонес во тимот придонесоа и ученичките Сара Тошевска од ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ и Теа Ангелова од „Меѓународно училиште НОВА“ – Скопје, кои исто така имаа силни настапи.

Натпреварувањето опфати три сегменти: економија, финансиска писменост и изработка на бизнис план, а учество зедоа над 250 ученици од 51 земја.

Тимот беше под менторство на проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и ас. м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при ПМФ – Скопје. Подготовките беа реализирани во соработка со Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза, ВФП групацијата и Државниот завод за статистика.

Овој успех претставува значајно признание за вложениот труд на учениците, менторите и институциите кои стојат зад подготовките, и уште еднаш го истакнува потенцијалот на македонската младина на меѓународната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни