Популарната Доли Партон неодамна изјави дека не планира да прекине со работа и пеење и вели дека чувствува одговорност да ја продолжи нејзината кариера.
Во интервју за „Greatest Hits Radio“ таа изјави дека доколку ти се исполнил сонот и ја имаш кариерата што си ја посакувал, тогаш имаш одговорност да продолжиш да го одржуваш тој сон да биде реалност.
„Никогаш не би се пензионирала. Се надевам дека еден ден ќе умрам среде песна на сцената“ се пошегува Партон
„Така се надевам дека ќе заминам“, продолжи Партон. „Се разбира, немаме многу избор во тоа. Но, сè додека сум способна да работам, додека моето здравје е добро и додека мојот сопруг е добар. Мислам, единствениот начин на кој би забавила или престанала да работам ќе биде поради тоа“.
Партон почнала да настапува уште како дете, а нејзината кариера во пеење и пишување песни започнала во 1960-тите. Оттогаш, таа освои 12 Греми, беше номинирана за два Оскари и заработи 13 награди на Академијата за кантри музика, а неодамна беше примена во Куќата на славните на рокенролот.
За време на интервјуто, Партон ги сподели и нејзините идни планови.
„Секој ден имам нови соништа“, изјави 77-годишната Партон. „Сакам да имам своја ТВ емисија во која ќе можам да правам многу нови работи и да продуцирам и сакам да имам своја приказна наречена ‘Животот на многу бои’, каде ќе прикажам работи што луѓето не ги виделе или знаеле или слушнале. За моите луѓе, од каде доаѓам, како станав тоа што сум и навистина да прикажам како изгледа мојот живот зад сцената“.