Доко: Институциите не се грижат за културата на помалкубројните заедници во земјата

Доко истакна дека бирократскиот систем во нашите институции е чудовиште кое ја прави реализацијата на проекти невозможна, дури и кога постои мотивација, план и политичка волја

На јавната дебата „Кој се плаши од културите на Другите?“, Џабир Доко, театарски режисер со долгогодишно искуство во активизам и борба за остварување на правата на турската заедница во Северна Македонија, се наврати и на своите искуства како заменик – министер за политички систем и односи со заедниците и ги посочи проблемите со институционалната поддршка на културата на помалкубројните заедници во земјата.

Земајќи го за пример искуството со формирањето на првата национална установа која ќе се грижи директно за автентичната култура на Турците во Македонија, Доко истакна дека бирократскиот систем во нашите институции е чудовиште кое ја прави реализацијата на проекти невозможна, дури и кога постои мотивација, план и политичка волја.

„Нашите институции навистина сè уште се борат со едно чудовиште наречено бирократија и, за жал, колку и да имате мотивација, колку и да имате енергија нешто да смените, колку и да доаѓате со конкретни планови, програми, идеи, честопати таа бирократија знае да ви ги скрши крилјата и вие да губите години за еден практичен проблем, кој може да се реши можеби со еден потпис на министер… Долго време како турска заедница имавме идеја, план, сон да создадеме еден културен центар…Имавме спремен елаборат, програма, добивме поддршка од повеќе интелектуалци, невладини организации и, во тој период дури можам да кажам дека, ете, постоеше и некоја политичка волја да се реализира тој проект. Но, сето тоа одеше многу бавно…Изгубивме многу години…Декември 2023 институцијата конечно беше регистрирана и во Централен Регистар…И денес веќе скоро две три години од формирањето на таа установа гледаме дека проблемите сè уште постојат. Сè уште нема свој објект, своја канцеларија, сè уште нема вработен, функционира само со В.Д директор“, посочи тој.

Дополнително, преку примерот со функционирањето на оваа институција, но и Турскиот театар, Доко се осврна и на негрижата на институциите за културата на помалкубројните заедници во државата.

„Еден трагикомичен податок – за 2025 година, Министерството за култура додели буџет од 180 илјади денари за годишна програма на оваа институција. Што е апсолутно деградирачки и омаловажувачки. Човек да се праша дали воопшто би бил посреќен доколку не сме имале таква институција и не сме добиле таков буџет, или подобро е да добиеме некој смешен 180 илјади денари буџет, кој не е реално доволно да се реализира еден сериозен проект, не пак една установа, која е национална установа да може да креира годишна програма…И состојбата со Турскиот театар – ние, како национална установа која годинава слави 75 години постоење, сè уште немаме сопствена зграда. Фактички сме кираџии во Театар Комедија, работиме во многу оскудни услови…“, укажа Доко.

На јавната дебата што се одржа во КСЦ Центар Јадро во Скопје, учествуваа и Суад Скендери и Алмира Папиќ, додека модераторка на настанот беше Амона Земон. Дебатата беше организирана како дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“, кој го реализираат ЗГ Есперанца – Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и Центар Јадро Скопје. Проектот е поддржан преку програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“, иницирана од Анадолу култур и Зуса, со финансиска поддршка од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни