Додека гориме на +40°C, пристигнува застрашувачка прогноза за зимата

Сезоната на топење на арктичкиот морски мраз е во полн ек, а количината на мразот моментално е на рекордно ниско ниво за овој дел од годината. Според најновите прогнози, се очекува овој тренд да продолжи, со можност во септември да се измери најмала површина на мраз од кога постојат сателитски мерења.

Научниците предупредуваат дека ова може да има сериозни последици врз текот на зимата 2025/2026 во САД, Канада и Европа.

Арктичкиот мраз – клучен за климата

Арктичкиот морски мраз игра витална улога во глобалниот климатски систем, особено во обликување на зимските модели на северната хемисфера. Податоците на Националниот центар за податоци за снег и мраз (NSIDC) покажуваат дека површината на мразот во 2025 година е значително под просекот. Во споредба со минатата година, има 600.000 км² помалку мраз, а споредено со 2010 година – за 100.000 км² помалку.

Стручњаците нагласуваат дека не е загрижувачка само површината, туку и дебелината на мразот – која бележи значително намалување, особено на западниот дел и над северна Канада, што го прави мразот уште почувствителен на забрзано топење.

Влијание на летните услови

Во јуни, временските услови беа обележани со широк појас на низок воздушен притисок кој донесе јужни ветрови и струи кон Арктикот – што всушност го забрза топењето. Температурните аномалии покажуваат повисоки од нормалните температури над Арктичкиот Океан, а јулската прогноза на ECMWF предвидува дополнително затоплување и формирање на високи воздушни притисоци кои ќе го поттикнат натамошното намалување на мразот.

Потенцијално сурова зима

Научниците веќе го поврзуваат ниското ниво на арктичкиот мраз со развојот на зимски екстреми. Ваквите услови може да доведат до слабеење на поларниот вртлог – феномен кој ги држи студените воздушни маси заклучени над Арктикот. Ако дојде до негово „распаѓање“, поларниот студ може да навлезе кон југ – преку Европа и Северна Америка.

Тоа значи поголема веројатност за екстремно студени, снежни епизоди оваа зима – слични на оние кои последниве години беа реткост.

Научниците најавуваат дека ќе продолжат будно да го следат арктичкиот мраз и атмосферата во текот на летото. Јавноста ја повикуваат да ги следи редовните прогнози, бидејќи Арктикот годинава може да биде клучниот фактор за тоа што не очекува оваа зима.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни