Во изминатите децении, Република Северна Македонија се соочува со сè поочигледни климатски промени – пораст на просечната температура, намалување на врнежите, зголемен број топлотни бранови и појава на екстремни временски настани. Според податоците од Секторот за метеорологија и Одделението за климатологија при УХМР, последниот триесетгодишен период е карактеризиран со зголемени температури од 0,7°C до 1,4°C, во споредба со долгорочниот просек.
Највисоката измерена температура на територијата на државата – 45,7°C во Демир Капија, беше регистрирана на 24 јули 2007 година, што ја потврдува сериозноста на климатските екстреми кои сè почесто се случуваат.
Што покажуваат климатските сценарија?
Според најновите климатски сценарија, изработени врз основа на глобални и регионални модели, во блиска иднина (до 2035 година) се очекува зголемување на просечната температура од околу 1°C. Но до крајот на векот, температурите би можеле да се зголемат за:
- 1.5°C (низок сценарио),
- 2.5°C (средно сценарио),
- до 5°C (високо сценарио).
Во сите сценарија се предвидува пораст на бројот и должината на топлотните бранови. Кај високото сценарио, до 2100 година би можеле да се случуваат и до 40 дополнителни топлотни бранови во период од 20 години.

Македонија станува потопла и посушна
Како резултат на климатските промени, во иднина се очекува Република Северна Македонија да биде значително потопла и посушна. Бројот на последователни сушни денови може да се зголеми за до 20 дена дури и според најповолното сценарио. Овие промени директно ќе влијаат врз земјоделството, водните ресурси и урбаната средина.
Суперќелиски бури: што се и зошто се закана?
Во услови на зголемено сончево зрачење и нестабилна атмосфера, особено во лето, територијата на Македонија станува сè попогодна за развој на силни конвективни облаци – кумулонимбуси, кои можат да доведат до силни невремиња, обилни врнежи, град и олуен ветер.

Од Одделението за климатологија при УХМР објаснуваат дека ваквите невремиња, кога добиваат сложена внатрешна структура и траат подолго, можат да преминат во суперќелиски бури – редок, но исклучително моќен тип на невреме, способно да предизвика значителна материјална штета и загуби.
Случајот со Стајковци во 2016 година, кога за само 5 часа беа измерени рекордни врнежи со веројатност за појава еднаш во илјада години, е пример за последиците од вакви процеси.
Колку сме подготвени?
УХМР редовно издава прогнози и алармира за екстремни временски појави преку систем на редовни и вонредни известувања. Со нови инвестиции и подобрување на моделите и просторот за ситуациско управување, институцијата ги унапредува капацитетите за навремено предупредување.
Сепак, од таму велат дека краткиот временски прозорец за прогноза на суперќелиски бури (најчесто неколку часа однапред) бара уште подобра координација со институциите на локално ниво.

Што треба да направат локалните власти и граѓаните?
Од Одделението за климатологија нагласуваат дека:
- Локалните самоуправи треба да развиваат планови за управување со ризик, прилагодување на урбаната инфраструктура, како и редовна обука на службите за итна интервенција.
- Граѓаните треба да бидат едуцирани за опасностите, да ги следат предупредувањата на УХМР, и да имаат јасни насоки за однесување при екстремни појави.
Која е улогата на државата?
Политиките за климатски промени се под ингеренција на Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, потребно е да се усвојат:
- Национален план за адаптација на инфраструктурата кон новата климатска реалност,
- Инвестирање во зелени технологии, отпорни системи за водоснабдување и енергетика,
- Развивање на системи за рано предупредување и мобилни аларми на локално ниво.