Десетици илјади луѓе ги блокираат мостовите на Нови Сад

Десетици илјади луѓе се собираат на блокадите на новосадските мостови од сите правци во градот, така што сообраќајот преку мостовите е целосно прекинат.

Во Нови Сад пристигнале и најмалку 10.000 мотори, најмногу од правецот на Белград. Колоните на мотоциклистите, со звукот на турирање, поминувале повеќе од 20 минути на влезот во Нови Сад, додека граѓаните ги поздравувале со овации.

На влезот во Нови Сад, особено од правецот на Белград, се формирале многу долги колони на други возила кои влегуваат во градот. На блокадите им се придружуваат и земјоделци со трактори.

Во близина на сите три новосадски мостови преку Дунав, граѓаните готват храна за студентите и граѓаните.

На Мостот на слободата има најмногу штандови со храна, а во близина се поставува сцена за програмата што ја подготвиле студентите на блокадите.

Во Лиманскиот парк, во близина на Мостот на слободата, ќе има кино, “Зона за опуштање”, изложба на работи на средношколци, а се подготвува и дрво за огрев и грејни тела на гас за претстојната студена ноќ.

Жежељ и Варадински мост ќе бидат блокирани денес од 15 до 18 часот, а Мостот на слободата 24 часа, до утре, недела, во 15 часот.

Големи демонстрации се одржуваат под паролата “1.2. на 3 мост”.

Протестот се организира по повод три месеци од падот на натстрешницата на влезот на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а двајца се тешко повредени.

Датумот на протестот се поклопува со Денот на градот Нови Сад, 1 февруари, со што, како што велат студентите, “симболички се укажува на одговорноста и се повикува на правда за жртвите”.

“Со симболиката на бројот ‘три’, граѓаните го искажуваат своето незадоволство поради временскиот период од три месеци од трагедијата за која уште никој не носи одговорност”, објаснија организаторите. Додаваат дека трагедијата на 1 ноември 2024 година “е симбол на неодговорноста и немарот на институциите”.

“Три месеци по несреќата, одговорните за оваа катастрофа уште не се идентификувани ниту санкционирани, што претставува голем општествен проблем и причина за незадоволството”, порачаа студентите.

Студентите формираа работни групи за организација на протестите на мостовите: група за редари, медиумски тим, креативен тим, тим за транспорт, тим за греење, хигиеничари, тим за логистика.

И средношколците се организирано приклучуваат на протестите, како и неформалната мрежа на универзитетски професори, асистенти и соработници “Слободен универзитет”.

Студентите објавија и мапи за движење на граѓаните до сите три мостови, а потоа и до Мостот на слободата. На Мостот на слободата е обезбедена брза сообраќајна лента која ќе служи исклучиво за преминување на возила на итна помош кон медицинските институции во Сремска Каменица, како и на пожарникарски возила.

Во рамките на редарскиот тим постои тим за прва помош.

Новосадските студенти и десетици илјади граѓани претходно синоќа ги дочекаа студентите од Универзитетот во Белград, кои пешки пристигнаа во Нови Сад, со овации.

Белградските студенти потоа беа придружени од бескрајна колона на граѓани кои отидоа до Железничката станица и на местото на трагедијата положија 15 венци со бело цвеќе и одржаа 15 минути тишина за 15-те жртви во Нови Сад.

Медиумскиот тим на студентите најави дека цело време ќе го пренесуваат протестот во живо, а репортерите ќе бидат студенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни