Ден на албанската азбука

Денеска во Македонија се одбележува Денот на албанската азбука. Историскиот настан е поврзан со Битолскиот конгрес одржан на 22 ноември 1908 г. на кој било унифицирано писмото на Албанците и се смета за еден од најважните политички, културни, научни, јазични и образовни настани за албанскиот народ.

Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908. година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик.

Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место. За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот.

Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.

Според бројот и важноста на учесниците, Конгресот во Битола бил најзначаен културен настан за албанскиот народ на почетокот на 20. век, за што сведочат и експонатите во поставката на Музејот на албанската азбука во Битола.

Таа содржи 56 фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462. година, превод на албански јазик на Eвангелието, повеќе варијанти на албанската азбука што се користеле до усвојувањето на современата албанска азбука, како и одлуката за создавање модерна азбука на албанскиот народ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни