Горниот степен на ракетата „Сојуз“, која ја носела сондата, се исклучил предвреме, поради што „Космос 482“ останала во ниска орбита, наместо да го започне патувањето кон Венера.
Сега пристигнува нова вест: според холандскиот набљудувач на сателити Марко Лангбрук, кој со години ги следи остатоците од „Космос 482“ преку телескоп, се очекува неконтролиран пад на дел од сондата околу 9 или 10 мај.
Делот што треба да падне е модулот за слетување на „Космос 482“ — компонента од неуспешната мисија кон Венера, стара повеќе од половина век.
Ќе ја преживее ли атмосферата на Земјата?
Клучното прашање е дали модулот за слетување, кој бил специјално дизајниран да го издржи влегувањето низ густата атмосфера на Венера, ќе успее да преживее при влегување во Земјината атмосфера.
„Космос 482“ е сестринска сонда на „Венера 8“, која во јули 1972 година успешно слетала на Венера и испраќала податоци од површината вкупно 50 минути и 11 секунди пред да биде уништена од екстремните услови.
Додека „Венера 8“ влезе во историјата, „Космос 482“ остана заробена во орбитата на Земјата и сега е на чекор до својот неконтролиран пад.
Сондата има маса од околу 495 килограми и поседува силна топлотна заштита, создадена токму за екстремни услови при влегување во атмосфера.
Каде би можела да падне?
Точното време и место на падот сè уште не се познати. Поради наклонот на орбитата од 51.7 степени, модулот може да падне било каде помеѓу 52° северна и 52° јужна географска ширина, објаснува Лангбрук.
Последните месеци, Лангбрук заедно со неговиот колега Доминик Диркс изработиле модел на падот користејќи го софтверот TUDAT, развиен на Техничкиот универзитет во Делфт.
Иако модулот оригинално имал падобран за слетување на Венера, се смета дека тој нема да функционира сега. Ако успее да ја преживее атмосферата, се очекува да удри со брзина од околу 65–70 метри во секунда.