По истражувањето што го спроведе редакцијата на ТРН за подигнување на свеста за дискриминацијата на жените на пазарот на трудот, сметавме дека јавноста е подготвена да зборува за стигми и поголеми општествени прашања. Сепак, со денешниот предлог на претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицковски, за воведување данок за немажени, проценивме дека дискриминацијата не само што е дел од секојдневието, туку сега се заканува да стане и законски институционализирана.
„Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија“ вака напишаа од Мрежата за заштита од дискриминација на изјавите на Претседателот на Владата Христијан Мицковски.
Денес настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“ беше исполнет со дискриминаторски говор од страна на премиерот Мицковски, кој вклучуваше предлог за оданочување на лицата кои не се во брак. Ваквиот говор вклучува кршење на човековите права, го стигматизира секој кој што не живее во брачна заедница, ги удира младите и не придонесува кон развојот на општеството.
На ова не останаа рамнодушни ни од Хелсиншки комитет тие во изјава за ТРН истакнаа дека ваквото оданочување особено ги става под удар младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ луѓето и оние кои се социјално и економски ранливи. Дополнително отвора нови поделби и нееднаквост.
„Кога луѓето нема да се дават во отпад, во загаден воздух, во корупција, во дисфункционален систем, во економска состојба со цени на основните производи што постојано вртоглаво растат, кога ќе се чувствуваат побезбедно дома и на улица, тогаш можеби ќе решат да не се отселуваат и да формираат семејства во својата држава“ додадоа од Хелсиншки.
Редакцијата на ТРН од неодамнешното истражување имаше изјава од режисерката Ана Јакимска каде што директно и се укажува како може да го користи како адут тоа што е млада и немажена и како да се носи со тоа на нејзино работно место што претставува сексистички сугестивен коментар. Воедно Татјана Стоименовска за цели на истражувањето посочува дека дискриминација на работно место и при вработување не е само случај во нашата земја, меѓутоа дека кај нас постојат уште некои постапки кои во другите земји би биле неприфатливи. „Кај нас се случува, како на пример: кандидатка да биде прашана за својот фамилијарен статус или пак дали планира деца. За жал, во некои компании тоа се уште е пракса“ вели таа.
Додека организациите и експертите се борат за права на личен избор, Владата законски планира да ја воведе дискриминацијата.
Мрежата за заштита од дискриминација ја повика Владата да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.