Дали средствата за заштита од сонце го зголемуваат ризикот од рак на кожа?

На социјалните мрежи се шират неточни и погрешно интерпретирани информации во врска со заштитата од сонце и ракот на кожа. Дали средствата за заштита од сонце штитат од меланом или всушност го зголемуваат ризикот од рак на кожа?

Во моментов на социјалните мрежи се шират предупредувања за наводниот ризик од рак на кожа што го предизвикуваат средствата за заштита од сонце. Иако ултравиолетовите зраци се главната причина за меланом, а средствата за заштита од сонце ги одбиваат тие зраци, некои советуваат да не се користи заштита и ги претставуваат заштитните средства како потенцијална опасност. Дали има вистина во овие тврдења?

Тврдења:
„Неспорна е факт дека во земјите кои најмногу користат средства за заштита од сонце има и најголем број случаи на рак на кожа. Колку повеќе се користи заштита од сонце, толку повеќе се шири ракот на кожа“, напиша крајот на јуни еден корисник на платформата X од САД, со 58.000 следбеници. И на TikTok може да се најдат видеа кои предупредуваат на наводниот ризик од рак на кожа предизвикан од употребата на заштита од сонце, пренесува DW.

Проверка на факти: Неправилно

Овие предупредувања немаат основа.

„Не постојат научни докази кои укажуваат на врска помеѓу зголемениот ризик од рак и употребата на средства за заштита од сонце“, изјави Британи Шефер од Институтот за јавно здравје на сојузната држава Конектикат.

Корисникот на платформата X во својот пост наведува дека извор е Регистарот на тумори на Конектикат. Портпаролката на институтот, Шефер, објаснува дека тоа се неточни тврдења:

„Почетните податоци за зачестеноста на ракот веројатно потекнуваат од CTR – регистарот на тумори од пред неколку децении – но додатниот текст за средствата за заштита од сонце не е дел од тие податоци. Не знаеме од каде е изворот на актуелната графика, но таа не потекнува ниту од CTR ниту од Министерството за здравство на Конектикат.“

Повеќе заштита, повеќе меланом?
Зошто тогаш бројот на случаи на рак на кожа во светот расте, иако сè повеќе луѓе користат средства за заштита од сонце? Една меѓународна студија на научници од САД, Швајцарија, Германија и Унгарија од декември 2023 година наведува пет хипотези за објаснување на оваа контрадикција.

Според базелската студија, причините за заблудите и митови за поврзаноста на ризикот од рак на кожа со заштитата од сонце вклучуваат: подобрена дијагностика, подобри методи на лекување, застарени научни студии, нередовна и неправилна употреба на средства за заштита од сонце, како и климатските промени.

Висока зачестеност во Австралија
Зголемената свест кај пациентите и лекарите за ризикот од рак на кожа доведе до почесто пријавување и евидентирање на случаи. За разлика од зголемувањето на зачестеноста, стапката на смртност од рак на кожа опаѓа низ целиот свет благодарение на подобрите терапии, наведува Меѓународната агенција за истражување на рак.

Според податоците на Светската фондација за истражување на рак од 2022 година, Австралија имала највисока стандардизирана стапка на нови случаи на рак на кожа: 37 на 100.000 жители годишно, а следат Данска (31,1), Норвешка (30,6), Нов Зеланд (29,8) и Шведска (27,4).

Во однос на вкупниот број на случаи на рак на кожа во 2022 година, САД биле први со 101.388 случаи, додека Германија, со иста стапка на зачестеност од 16,5, имала 21.976 случаи и била на второ место.

Во бројот на умрени од рак на кожа во 2022 година, САД повторно биле први (7.368 смртни случаи), а Германија четврта со 3.303 случаи, по Кина и Русија. Оваа статистика покажува дека висока стапка на заболување не значи нужно и висока стапка на смртност.

Застарени студии
Уште една можно причина за зголемувањето на случаите на рак на кожа е фактот дека сè повеќе луѓе поминуваат време на сонце. Дури и кога користат заштитни средства, тоа не значи дека ги користат правилно.

Недостатокот на современи научни студии придонесува за одржување на застарени наративи. Имено, Американската управа за храна и лекови (FDA) почнала да регулира средства за заштита од сонце дури во 2011 година. Сите претходни студии веројатно вклучувале средства со значително понизок степен на заштита од денешните.

Средства за заштита од сонце – профитабилен пазар
Но, дали луѓето во земјите со највисока зачестеност на рак на кожа (Нов Зеланд, Австралија, Шведска, Норвешка, Канада и САД) навистина повеќе користат средства за заштита од сонце, како што тврдат корисниците на интернет?

Точно е дека глобалната продажба на овие средства расте. Според податоците на производителите, пазарот ќе достигне вредност од 13.553 милиони американски долари до 2028 година. Најголем пазар се САД, а следуваат Кина и Јужна Кореја.

Како средствата за заштита од сонце навистина се користат во пракса е сосема друго прашање. Според податоците на Австралискиот завод за статистика, 38 отсто од населението постаро од 15 години редовно користи овие средства. Сепак, скоро седум отсто од испитаниците имале изгореници од сонце во неделата пред анкетирањето. Кај младите од 15 до 24 години тој процент бил дури 15.

Заштита од сонце само на одмор
Во САД, истражување на институтот Talker Research од мај годинава покажало дека помалку од 41 отсто од 2.000 испитани Американци користат средства за заштита од сонце повеќе од 60 дена годишно. Дури 13 отсто изјавиле дека воопшто не ги користат.

И во Германија, земја со висока зачестеност на рак на кожа, според онлајн анкета од август 2024 година, околу 51 отсто од населението користи средства за заштита од сонце само летно време или кога се директно изложени на сонце.

Портпаролката на Германскиот центар за истражување на рак (DKFZ) од Хајделберг, Сибиле Колштет, предупредува дека поради недостаток на валидни податоци не треба да се донесуваат погрешни заклучоци:

„За разлика од постојните податоци за растечкото глобално ширење на ракот на кожа, не постојат национални статистики кои прецизно би ја прикажале употребата на средства за заштита од сонце и би ја поврзале со зачестеноста на рак на кожа.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни