Според информациите од Центарот за управување со кризи, погребите ќе започнат во 11 часот во Штип, продолжуваат во 12 часот во Кочани, а во 13 часот во Облешево. Останатите жртви ќе бидат погребани во текот на утрешниот ден во различни временски периоди. Свештениците од локалните цркви веќе ги контактираат семејствата за деталите околу церемониите.
Министерството за внатрешни работи објави дека Агенцијата за цивилно воздухопловство воведе строга забрана за употреба на беспилотни летала (дронови) во неколку населени места, меѓу кои Кочани, Штип, Струмица, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, како и на скопските гробишта во Бутел, Ѓорче Петров, Горно Лисиче и Горно Нерези. Од МВР потенцираат дека секој што ќе ја прекрши оваа забрана ќе биде санкциониран согласно Законот за воздухопловство.
„Неовластеното користење на дронови може да предизвика сериозни последици по безбедноста и да ја наруши достоинствената испраќање на жртвите“, стои во соопштението на полицијата.
Министерството за внатрешни работи повторно апелираше граѓаните да ги одржуваат собирите во мирна атмосфера и да покажат достоинство во овие денови на жалост.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат одлуките од институциите, како и насоките на полициските службеници, со цел да се обезбеди мирот и безбедноста на сите“, порачаа од МВР.
Владата донесе мерки за денот на жалост
Владата одржа вонредна седница на која беа усвоени четири заклучоци во врска со деновите на жалост и погребот на жртвите. Државните институции се задолжени да ги ослободат вработените од работните обврски, додека на приватниот сектор и локалната самоуправа им се препорачува да постапат соодветно на одлуката.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека здравствените установи, училиштата и градинките треба да ја организираат својата работа според актуелните потреби, за да се одржи континуитетот во нивните услуги.
Министерството за здравство, во координација со Центарот за управување со кризи и Црвениот крст, ќе обезбеди амбулантни возила, а локалните противпожарни единици се задолжени да ги спроведат сите неопходни активности.
Медиумски протокол за известување од погребите
Со цел да се заштити приватноста на семејствата, Владата во координација со Министерството за внатрешни работи и новинарските здруженија изготви медиумски протокол за известување од погребните церемонии. Медиумите ќе имаат пристап во посебно означени зони, а забранета е употребата на беспилотни летала за снимање.