Во Лос Анџелес, во недела доцна навечер, ќе се одржи 97 церемонија на доделување на Оскарите, награди на Американската академија за филмски уметности и науки, со неколку фаворити, меѓу кои се “Емилија Перез”, “The Brutalist”, “Wicked” и “Конклава”.
Филмот на Жак Одјиар „Емилија Перез“ доби 13 номинации за Оскар. Ова музичко одисејско дело за промена на пол на мексикански трговец со дрога кој станува жена, доби најмногу номинации, пред филмовите „The Brutalist“, приказна за животот на еврејски имигрант, и мјузиклот „Wicked“, кои добија по десет номинации.
Биографскиот филм за Боб Дилан „Потполно непознат“ и трилерот за Ватиканот „Конклава“ добија по осум номинации.
Филмот „Емилија Перез“ со 13 номинации за Оскар, и награден на филмскиот фестивал во Кан, стана единствено остварување надвор од англиското говорно подрачје со најмногу номинации во историјата на доделата на наградите на Академијата за филмски уметности и науки.
Меѓутоа, филмот не му се допадна во Мексико, каде што се случува акцијата. На социјалните мрежи се појавија критики дека „Емилија Перез“ претставува се што може да има еден филм – стереотипи, незнаење и недостаток на почит.
Филмот беше прикажан во Мексико крајот на октомври, но публиката не беше импресионирана, бидејќи не ѝ се допадна приказната за крволочен наркобос кој помага на жртвите од картелите, вклучувајќи ги и роднините на исчезнатите кога ќе стане жена.
Пет номинации за Оскар доби уште еден француски филм „Супстанца“ на режисерката Корали Фаржа, во кој Деми Мур игра поранешна холивудска ѕвезда зависна од серуми за подмладување. Тој филм е номиниран, меѓу другото, во категориите – најдобар филм, најдобра режија и најдобра актерка.
Во категоријата за најдобар краткометражен филм, оваа година е номиниран филмот на хрватскиот режисер Небојша Слиепчевиќ „Човекот кој не можеше да молчи“. Станува збор за првиот хрватски филм кој е номиниран за Оскар, се наведува во соопштението на Хрватскиот аудиовизуелниот центар.
Оваа година новина ќе биде тоа што добитниците на Оскарите нема да одржуваат говори подолго од 45 секунди.
За Оскар гласаат неколку илјади претставници од филмската индустрија. Сите гласачи за Оскар се членови на Академијата чие седиште се наоѓа во Лос Анџелес. Гласачите мора да бидат експерти во кинематографијата и претставници на 17 области од филмската индустрија. Тоа се актери, режисери, продуценти, сценаристи, костимографи и различни техничари.
Сите гласачи, во зависност од нивната струка, гласаат за одредени категории, актери за актери или режисери за режисери. За одредени категории, како изборот на најдобар странски или анимиран филм, се формираат специјални комитети.
Како и секоја година, свеченоста ќе ја пренесува американската телевизиска мрежа Еј Би Си, а домаќин на церемонијата ќе биде по прв пат хумористот Конан О’Брајан.
Минатогодишен голем победник беше филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, кој освои седум Оскари, меѓу кои за најдобра режија, најдобар актер и најдобра споредна машка улога.