Македонија гори – пожарите ги открија слабостите на системот

Фото: Томислав Георгиев за Делегација на ЕУ Скопје

Цел месец делови од земјава се зафатени од пожари кои уништија огромни површини на зеленило, но и покажаа слабости во системот за противпожарна заштита. Состојбата со пожарите останува алармантна, со опожарена површина од околу 20 илјади хектари и една жртва.

Огновите низ земјата ја зедоа првата жртва, кога едно повозрасно лице се задушило од чадот што го зафатил кумановското село Кокошиње, а неговата сопруга била успешно евакуирана.

Жешкото време, долгиот период без врнежи и бавната реакција на службите беа факторите кои придонесоа огромни делови шума, најчесто во Повардарието и Источна Македонија да бидат зафатени од пожари, какви што немало изминатите години. Лошата координација и доцнењето се покажаа како системска слабост во борбата со пожарите.

Фото: Томислав Георгиев за Делегација на ЕУ Скопје

Помошта пристигна преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ

За гасење на пожарите мораше од пензија да се враќаат пилоти за да ги летаат ер-тракторите. Васко Михалчев и Стоје Арсовски ги ставија на пауза своите пензионерски денови за да помогнат во справувањето со огнените стихии низ земјава, а своја поддршка даде и ЕУ преку механизмот за цивилна заштита.

Преку овој механизам се мобилизираа хеликоптери и авиони од Србија, Словенија, Турција, Хрватска, Чешка кои помагаат во гасење на пожарите.

Фото: Томислав Георгиев за Делегација на ЕУ Скопје

Освен Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, од Центарот за управување побараа и активирање на НАТО механизмите, кој покрај помошта во опрема, нуди можност и за повикување на професионални пожарникари, односно пешадија кои ќе помагаат.

Каде е најтешко?

Изминатава недела најголеми и најопасни беа пожарите на територијата на Пехчево, Старо Нагоричане, на Општина Кратово, на Македонски брод, на Свети Николе, кои почнаа да зафаќаат куќи и викендички и опасно да се приближуваат до населените места. Изминативе денови на територијата на Македонија имало вкупно 66 пожари на отворано и шумски пожари.

Фото: Томислав Георгиев за Делегација на ЕУ Скопје

Во моментов активни се 9 пожари на територијата на земјата, а според ЦУК 4 се под контрола, додека 30 од тие кои биле активни изминатите денови се изгаснати. Активни се пожарите во општина Пехчево, односно во село Негрево, во село Малотино и Жегљане во општина Старо Нагоричане, во село Татомир во кратовско, покрај селата Тажево и Брезница во Македонски Брод, пожар кој оди кон Јасен. Пожарите продолжуваат да горат и во светиниколско во селата Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Ранченци. Гори и во Пробиштип покрај селата Зелениград, Јамиште, Стрисовци и Барбарево, а гори и во Пласница со пожар кој се шири кон село Латово.

Според ЦУК, под контрола се пожарите во на Илинска Планина во Демир Хисар, во селото Ерџелија во светиноколски, во Гавовица и на Пониква во кочанско, како и пожарот кај селата Орел и Мездра во светиниколско.

Што можат да направат граѓаните?

Службите апелираат граѓаните да не се вклучуваат самоиницијативно во гасењето на пожарите, бидејќи некаде може може да пречат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, па и на самите летала.

Фото: Томислав Георгиев за Делегација на ЕУ Скопје

Според ЦУК, граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или град и да не учествуваат во гасењето доколку не се прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици.

Граѓаните преку социјалните мрежи се ангажираат за собирање на храна и вода, која се доставува до волонтерите и пожарникарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни